Свет
30. September 2017 - 13:00

Европа внимателно, но тивко и нервозно ја следи ситуацијата во Шпанија

Европските официјални претставници внимателно, но тивко и нервозно, ја следат ситуацијата околу планираниот референдум за независност на Каталонија, а големиот одѕив, кој може да донесе позитивен исход од гласањето, може да ги охрабри и другите региони да планираат отцепување, коментираат светските агенции.

Трендот на сецесија на европскиот континент ќе ја изложи ЕУ на нов притисок и ќе донесе потенцијал за насилства, оценуваат агенциите.

Сепак, поголемиот дел од европските лидери се воздржуваат јавно да заземат став за утрешниот референдум.

И покрај тензиите зад сцената, тие не се подготвени да поддржат некоја од страните, било тоа да се каталонските сепаратисти или, пак, премиерот Маријано Рахој.

Поддршка на референдумот, иако тивко, покажа премиерката на Шкотска, Никола Стерџен, која рече дека е сосема легитимно Шпанија да се противи на независноста на Каталонија, но дека „правото на самоопределување е битен меѓународен принцип, и дека се надева оти тој ќе биде почитуван во Каталонија, како и на други места“.

Уште еден регион кој има тенденција за отцепување, Фландрија во Белгија, гледа на референдумот со надеж и има симпатии кон богатата Каталонија, која се жали дека ги помага сиромашните делови на Шпанија.

Италијанската десничарска Лига за север, која се залага за референдум за поголема автономија на Ломбардија и Венето, го осуди неодамнешното апсење на каталонски лидери.

Неочекувана поддршка на каталонското движење за независност даде и претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, кој неодамна на референдум ги консолидира своите овластувања, но доби критика од владата на Рахој.

Светските агенции, забележуваат дека е многу воочливо молчењето на ЕУ во однос на развојот на настаните во проевропската Каталонија, особено што каталонските претставници ја повикаа ЕУ да посредува во спорот со Шпанија.

Одговарајќи на ова барање, Европската комисија повтори дека референдумот е внатрешно прашање на Шпанија и дека го почитува шпанскиот уставен поредок.