Бизнис
8. July 2016 - 15:55

Еврообврзницата ќе го поттикне економскиот раст, сметаат експертите

Владата денеска објави одлука за издавање еврообврзница. Според објавената одлука во Службен весник, сумата на еврообврзницата е 650 милиони евра, а со неа треба да се покрие буџетскиот дефицит за оваа и следната година и да се вратат стари долгови. Рокот на отплата на еврообврзницата ќе биде до 10 години, во зависност од пазарните услови, интересите и побарувањата на инвеститорите.

Според експертите, издавањето на еврообврзницата ќе влијае на макроекономската стабилност на подолг рок во време на политичка криза.

- Вообичаено е тоа да се случува во период кога е потребна дополнителна инекција и вообичаено е ако направиме една куса анализа на досегашните издавања на еврообврзницата од страна на надлежните институции во нашата држава се се случува во средината на годината бидејки се појавуваат дебаланси или нерамномерности во динамиката на остварување на приливите и одливите како во деловните односи со странство така и во реализирањето на буџетските издатоци проектирани на почетокот на годината, вели универзитетскиот професор Сашо Кожухаров.

Експертите сметаат дека со еврообрзницата ќе се поттикне економскиот раст и развој и економската активност. Според нив, досега издадените еврообврзници, се секогаш добредојдени.

- Денес како резултат на политичката криза и она што се случува целокупно во националната економија, еврообврзницата може на подолг рок да даде поголема стабилност за финансирање на некои започнати проекти, а најдобро е тие средства да се канализираат во капитални средства за да дадат позитивни ефекти во националната економија. Колку е поголем обемот на средствата што се бара , каматната стапка би требало да биде помала, истакнува економсикот експерт Влатко Пачешкоски.

Професорот Илија Груевски од  Економски факултет-Штип оценува дека во Македонија издавањето на еврообврзница секогаш е проследено со проблеми во Македонија, а, како што вели, во современите земји тоа е нормално и ефектите би биле во две поголеми групи. - Секое издавање на еврообврзница може да доведе до верификација на веќе поставениот кредитен рејтинг, така што сите држави кои се соочуваат со проблеми ќе наидат на недоверба, а со Македонија не е таков случајот. Странските инвеститори се уште имаат доверба во Македонија, ова ќе значи и набавка на финансиски средства со помала каматна стапка, вели Груевски и додава дека друга придобивка е можноста за искористување на овие средства за забрзан економски раст, а интересна придобивка е можноста да се намали негативниот ефект на потиснување на приватниот сектор.

Тој додава дека сите пари кои ќе останат непозајмени на домашниот пазар, ќе останат на располагање на домашниот пазар и сето тоа би дало дополнителен импулс на домашната економија