Свет
18. October 2017 - 18:05

ЕУ подготви мерки за заштита на јавни собири од терористички напади

Европската унија денеска ги претстави новите мерки за заштита од терористички напади, во кои главен акцент се става на обезбедување на местата каде масовно се собираат граѓани.

Мерките доаѓаат по серијата напади низ Европа, во кои исламисти вооружени со автоматско оружје или со возила убија стотици лица.

- Терористите не мируваат. Тие ги менуваат и прилагодуваат своите методи. Мораме и ние да бидеме подготвени и да ги прилагодиме нашите безбедносни мерки, изјави еврокомесарот за безбедност Џулијан Кинг.

Европската Унија ќе издвои 118,5 милиони евра во следните две години за обезбедување на концерти и други јавни собири, кои се главни цели за терористите. Преку координирање на законодавството во членките на ЕУ, Брисел ќе се обиде и да го контролира продавањето на хемиски материјали кои може да се искористат за правење бомби.

Планот на комесарот Кинг предвидува и подобра соработка со полициските служби на Алжир, Египет, Јордан, Либан, Мароко, Тунис и Турција.