Свет
7. December 2017 - 13:51

ЕУ: Крајниот рок за договор со Лондон истекнува в недела на полноќ

Европската комисија денеска ја предупреди Велика Британија дека рокот за постигнување напредок во затворањето на првата фаза од преговорите за излегување за земјата од ЕУ истекува в недела на полноќ.

Портпаролот на ЕУ, Маргаритис Схинас изјави дека Комисијата е подготвена да се сретне со британската премиерка Тереза Меј во секој момент во текот на неделава, но најдоцна до недела на полноќ.

Главно отворено прашање во претворите е идниот статус на границата меѓу Република Ирска и британската покраина Северна Ирска, а потоа и идните трговски односи кога Велика Британија ќе биде надвор од ЕУ, статусот на државјаните на членките на Унијата во земјата и на Британците во блокот, како и сумата што Лондон треба да му ја плати на Брисел во рамки на преземените идни обврски.

Според Схинас, во секој случај крајниот рок за договор нема да биде продолжен во тркот на следната недела.

Тереза Меј и Жан-Клод Јункер

- Претседателот на Комисијата Жан-Клод Јункер е роден оптимист. Тоа секогаш му помагаше во политичката кариера, но во овој случај неопходни се две страни за договор, изјави Схинас.

Доколку Брисел и Лондон не успеат да постигнат договор, тогаш е можно британско напуштање на Унијата без договорени натамошни односи.

Овој развој на настаните би можел да предизвика потреси на меѓународните пазари, бидејќи компаниите кои тргуваат меѓу Велика Британија и ЕУ нема да бидат сигурни кој ќе биде нивниот иден статус по Брегзитот.