Македонија
1. September 2015 - 14:03

ЕУ го поздрави враќањето на опозицијата во Собранието, очекува прогрес за Специјалниот обвинител

Европската унија преку Европската комисија, денеска го поздрави враќањето на избраните пратеници на опозициската СДСМ во македонското Собрание, што е според договорот од 2 јуни и протоколот од 15 јули. Официјален Брисел, исто така, испрати порака дека многу одблиску го следи развојот на настаните и очекува прогрес во однос на изборот на Специјалниот обвинител, чиј краен рок е за две недели.

- Ние го поздравуваме фактот дека опозиција сега е вратена во парламентот. Знаете дека ова е дел од договорот посредуван од Европската унија, што беше постигнат во јуни и јули оваа година. Многу е важно овој договор да се исплементира и ние сега очекуваме парламентот да работи на реформските приоритети во интерес на целата земја, порача портпаролката на Еврокомиијата, Маја Коцијанчич.

Во однос на проблемите при изборот на Специјалниот обвинител и можноста да се пробие крајниот рок, а тоа е 15 септември, гласноговорничката на еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, со дециден одговор дека Брисел очекува прогрес на ова поле.

- За прашањето за Специјалниот обвинител, работата на ова се уште се одвива и ние очекуваме партиите да ги задржат и имплементираат сите обврски. Еврокомисијата и посебно комесарот Хан го следат ова многу одблиску и ние очекуваме прогрес исто така и на ова поле, истакна Коцијанчич.

Како што претходно порачаа од неформалната влада на Европската унија, роковите за избор на Специјален обвинител, како и на министри во македонската Влада што ќе ги предложи опозициската СДСМ, заклучно со одржувањето на предвремените парламентарни избори на 24 април 2016 година, се јасни и прецизни и не смее да се пробиваат од ниту една од четирите партии (ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА), чии лидери го потпишаа договорот на 2 јуни и 15 јули, со кој се стави крај на политичката криза во Македонија.