Свет
16. October 2017 - 18:19

ЕУ го повика Конгресот на САД да го заштити иранскиот нуклеарен договор

Советот на Европската унија, денеска го повика американскиот Конгрес да го заштити Договор за иранската нукеларна програма, откако претседателот на САД, Доналд Трамп ја прекина поддршката. 

- Ние сакаме ЕУ да влијае врз Конгресот на САД, кој не треба да го става под сомение почитувањето на нуклеарниот договор со Иран, изјави шефот на француската дипломатија Жан-Ив Ле Дриан, при пристигнувањето на средбата на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург. 

Дриан изрази длабоко жалење за одлуката на Трамп.

- Се надеваме дека Иранците од своја страна ќе продолжат да го почитуваат договорот, посочи тој. 

Холандскиот министер за надворешни работи Берт Кундерс договорот го оценува како „безопасен за светот“. 

- Се надевам дека Конгресот на САД ќе го сфати тоа и ќе донесе правилна одлука, истакна тој. 

Шефот на белгиската дипломатија Дидие Рејндерс, оцени дека доколку САД се повлечат од договорот, тоа ќе ја поткопа довербата за сите идни преговори за нукеларните амбиции на Северна Кореја. 

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини изрази очекување дека, Советот на ЕУ денеска „ќе даде целосна поддршка за иранскиот нуклеарен договор, што функционира и е ефективен, и од чие исполнување сега имаме исклучителна потреба“ 

Германскиот министер за надворешни работи Зигман Габриел предупреди, дека заканите на Трамп за повлекување од Договорот за иранската нукленарна програма, можат дас предизвикаат воена конфронтација. 

- Тоа, исто така, може да ја продлабочи кризата со Северна Кореја, потенцираше Габриел. 

Тој наведе дека со неговите колеги од ЕУ ќе ја разгледа темата за спасување на Договорот.