Свет
24. March 2017 - 21:22

Ердоган: За мене Европа ќе биде „нацистичка“ се додека ме нарекува „диктатор“

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган порача дека ќе продолжи европските земји да ги нарекува „нацистички“ се додека тие го оценуваат него како „диктатор“. 

- Тие имаат слобода да го нарекуваат Ердоган „Диктатор“, но Ердоган нема слобода нив да ги нарекува „фашисти“ или „нацисти“. Никој да не се навреди - ќе продолжам за нив да ги користам истите изрази се додека тие го нарекуваат Ердоган диктатор, нагласи турскиот претседател. 

Турскиот претседател исто така изрази жалење поради забелешките на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер против него, пишува денеска турскиот весник „Дејли Сабат“. 

Штајнмајер при неговиот прв претседателски говор, нагласи дека Ердоган се заканува дека ќе го уништи се она што неговата земја го стекнала во претходните години и дека ги загрозува односите со турските партнери.