Македонија
20. February 2018 - 20:30

Ердоган: Први го признавме уставното име на Македонија и не мрдаме од тоа

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, за време на средбата со претседателот Ѓорге Иванов во Анкара ја повторил поддршката на Турција за интеграција на Македонија во НАТО, а го реафирмирал и принципиелниот став во однос на употребата на уставното име на Република Македонија, соопшти прес-службата од Кабинетот на Иванов.

„Ние сме први што го признавме уставното име на Република Македонија. Она што го мислевме тогаш, го мислиме и сега. Ние не мрдаме ни лево ни десно. Турција во дипломатијата никогаш не се однесува двострано. Откако сме донеле своја одлука, ние умираме, но не се враќаме назад“, рекол турскиот претседател истакнувајќи дека, покрај признавањето на уставното име на Македонија и името на нацијата, Турција била првата земја што испратила свој амбасадор во Македонија.

На средбата била констатирана и потребата од интензивирање на соработката во борбата против тероризмот.

„Македонија ја изрази својата решителност во врска со нашата борба против тероризмот, особено ФЕТО, која е опасност за двете држави. Оваа организација мора да ја искорениме од сите места во светот. Македонија е земја која направи конкретни работи во врска со оваа битка“, посочил Ердоган.