Балкан
20. February 2018 - 12:11

Ердоган: Операцијата во Африн продолжува се до постигнување на целта

Турција очекува сирискиот град Африн за неколку дена да биде под опсада, изјави претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган.

- Во следните денови, благодарение на напредувањето на турската армија поддржана од борците на Слободна сириска армија, градот Африн ќе биде под опсада, истакна Ердоган пред пратениците на својата Партија на правдата и развојот.

Турската армија на 20 јануари почна операција „Маслиново гранче“ во сириската енклава Африн против курдските Сили за заштита на народот и Партијата на демократската унија, кои за Анкара се терористички организации.

Според Генералштабот на турската армија во едномесечната операција неутрализирани се 1.715 терористи. Само во изминатите 24 часа во турската операција елеминирани се 74 припадници на Силите за заштита на народот, на Курдската работничка партија, на Партијата на демократска унија и на Исламска држава.

турска војска африн

Во меѓувреме, шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу изјави дека сириската армија се уште не навлегла во реонот на Африм и не е познато дали ќе го направат тоа.

Сириската државна новинска агенција САНА вчера објави дека провладините сили ќе навлезат на територијата на Африн. Додека советникот во администрацијата на зоните под контрола на Курдите во северна Сирија, Бадран Џија Курд вчера изјави дека властите во Дамаск и силите на сириски Курди постигнаа договор Армијата на Сирија да влезе во областа Африн за да помогне во спротивставување на турската офанзива „Маслиново гранче“. Според него, силите лојални на сирискиот претседател Башар ал Асад може да влезат во областа во следните два дена.

Таквата наводи предизвикаа реакција кај Ердоган, кој и се закани на сириската Влада дека ќе се соочи со последици доколку склучи договор со сириските курдски Сили за заштита на народот против турската воена операција во Сирија.

- Ако сирискиот режим тргне по тој пат, тогаш ќе има последици, истакнал Ердоган и најави дека турската офанзива ќе продолжи согласно планираното.

Сирија Курди

Сириската курдска милиција Сили за заштита на народот денеска демантираше дека се договорила со Дамаск, заедно со сириската армија да влезе во енклавата Африн.

- Нема договор. Имаше само повик од нас до сириската армија да дојде и да ги брани границите, изјави портпаролот на Сили за заштита на народот, Нури Мухамед. 

Портпаролот на Ердоган, Ибрахим Калан информациите дека е постигнат договор помеѓу сириската армија и Силите за заштита на народот за да им се спротистават на турската армија во Африн ги оцени како пропаганда.

- Јасно е дека соопштенијата за постигнување на договор помеѓу сирискиот режим и Силите за заштита на народот и Партијата на демократска унија имаат пропагандана цел. Но, тоа не значи дека нема серија валкани и тајни преговори. Операцијата „Маслиново гранче“ одлучно ќе продолжи и ќе си ја постигне целта, независно од тоа што тие прават, напиша Калан на Твитер.

Предупредувањата од страна на Ердоган создаваат можност за потенцијален судир помеѓу Турција и сириските сили, кои имаат поддршка од Иран и од Русија.  Сириската армија не е присутна во Африн од 2012 година, кога се повлече од поголемиот дел од северна Сирија. Нејзиното враќање во енклавата, каде има распоредено единици на регионални и меѓународни сили може да ја усложни ситуацијата и да доведе до несакани судири. 

За Анкара Силите за заштита на народот на сириските Курди за огранок на Курдската работничка партија (ПКК) во Сирија. ПКК, која се бори за автономија на Курдите на турска територија, се наоѓа на листата на терористички организации на Турција, ЕУ и САД.  Силите за заштита на народот, од друга страна, беа едни од главните сојузници на САД во борбата против џихадистичката група Исламска држава (ИД), па турската офанзива предизвика тензии во однсите меѓу Анкара и Вашингтон.

Турција Африн Сирија

Аналитичарите предлагаат да се постигне договор сириската армија да влезе во Африн, а припадниците на Силите за заштита на народот да се распоредат подалеку од границата на Турција, што е еден од начините за прекин на турската операција „Маслиново гранче“.

Анкара ја почна операцијата во Африн откако доби дозвола од Русија, која го поддржува режимот на сирискиот претседател Асад. Поради тоа евентуален судир помеѓу сириската армија и турските сили би довело до потенцијален конфликт и помеѓу руската и турската армија.