Балкан
6. November 2017 - 23:35

Ердоган ќе го урива Културниот центар Ататурк во Истанбул

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска објави план за уривање на Културниот центар Ататурк во Истанбул, кој е именуван според основачот на модерна секуларна Турција, Мустафа Кемал Ататурк.

Критичарите сметаат дека таквиот потег претставува уште еден обид на владејачката Партија на правдата и развојот да го загрози секуларизмот.

Културен центар Ататурк

Ова е втор обид на Ердоган да го урне Културниот центар Ататурк (АКМ), откако претходниот план да изгради нов културен центар во близина на плоштадот Таксим предизвика масовни протести против неговата партија.

Проектот предвидува изградба на опера, театарска сала, конференциски центар и кино во близина на паркот Гази, „епицентарот“ на протестите во 2013 година. Пред четири години Ердоган сакаше да изгради реплика на отоманска касарна на истата локација.

Културен центар Ататурк

- Денешна Турција почнува нешто кое требала да го направи пред 10 години, изјави Ердоган на церемонија на која го најави почетокот на проектот.

Ердоган, кој бил градоначалник на Истанбул во 90-те години, долго време се залагал АКМ да го замени со друг објект, тврдејќи дека зградата не е отпорна на земјотреси. Центарот е затворен за јавноста во изминатите десет години поради несогласувања во врска со неговото обновување и инфраструктура.

Противниците, сепак, сметаат дека планираното уривање е дополнителен доказ дека Ердоган, кој е голем муслимански верник, и неговата партија сакаат да го укинат секуларниот поредок кој го воспостави Ататурк во 20-те години од минатиот век и да го намали неговото значење во јавниот живот.