Балкан
17. April 2017 - 16:23

Ердоган извојува тесна но историска победа на вчерашниот референдум

Турција би требало да обезбеди најширок можен национален консензус за уставните амандмани за нивна примена, имајќи го предвид тесниот резултат од референдумот за уставни реформи, се вели во  заедничкото соопштение на претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. 

Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц изјави дека резултатите од референдумот во Турција веројатно ќе ја отежне идната соработка меѓу Анкара и Европската унија. Курц објави на Твитер дека резултатот покажува колку е поделена земјата. 

 Германската канцеларка Ангела Меркел ја повика  турската Влада на „учтив дијалог на сите политички и цивилни сили во земјата“. Германската Влада, го почитува правото на турскиот народ да одлучува за сопствениот Устав, но истовремено нагласуваат дека Ердоган носи голема одговорност за следните чекори на Турција- порачаа  во заедничкото соопштение  Меркел и министерот за надворешни работи Зигмар Габриел. Тие  укажаа и дека ОБСЕ изразил сомневање за тоа дали гласањето е извршено во соодветни услови.

Претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани изрази загриженост во врска со идејата на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган за враќање на смртната казна во Турција.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави  дека треба да се почитуваат резултатите од референдумот во Турција.

Турците на референдумот ги поддржаа уставните реформи. Врз основа на преброени 99 отсто од гласовите, 51,3 отсто од гласачите биле за измени на Уставот, додека 48,3 отсто се изјасниле против. Со Новиот устав со 18 членови, кој ќе го замени актуелниот од 1982 година.,турскиот систем ќе се трансформира од парламентарен во претседателски. Со  што ќе се укинат функциите премиер и сета извршна власт ќе биде кај претседателот. Тој ќе има право да поставува министри, да го крои државниот буџет, ќе управува со целата администрација.

Три од вкупно 18-те точки на уставните измени веднаш ќе стапат во сила, а повеќето од измените ќе влезат во сила, откако во ноември 2019 година ќе бидат одржани истовремено претседателските и парламентарните избори.

Главната опозициска партија во Турција, Народно-републиканската партија Партијата соопшти дека ќе ги оспори резултатите од референдумот,и посочи дека имало повеќе нерегуларности, и ја повика Врховната изборна комисија да го поништи  референдумот .

Претседателот на турската Врховна изборна комисија  ги отфрли  тврдењата на опозицијата за фалсификати на вчерашниот референдумот, нагласувајќи дека ниту едно од гласачките ливчиња, прогласени за важечки, не е фалсификувано или незаконски пуштено.