Балкан
28. February 2017 - 11:45

Ердоган: Градот Манбиџ е следната цел на Турција во операцијата во Сирија

Силите кои се поддржани од Турција,  ќе се придвижат кон северниот сириски град Манбиџ, откако ќе ја завршат операцијата во Ал Баб, како што првично беше планирано, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. 

- Сириската курдска милиција Сили за заштита на народот, што е сметана од Турција за терористичка организација, треба да се пресели источно од реката Еуфрат, истакна Ердоган на прес-конференцијата во Анкара пред да замине на официјална посета во Пакистан. 

Турскиот претседател, исто така ја исклучи секоја можност за соработка со Сириските демократски сили, кои ја вклучуваат и сириската курдска милиција, јави ТАСС. 

- Турција ќе може понатаму да започне со операција за ослободување на сирискиот град Рака, но тоа ќе зависи од присуството на заеднички позиции со Русија и меѓународната коалиција, посочи Ердоган.