Македонија
23. September 2017 - 17:06

Епидемија на морбили во делови на Скопје- Епидемиолозите повикуваат на итна вакцинација

Епидемија на морбили во општина Гази Баба откако четири деца од Маџари се хоспитализирани на Инфективна со ова опасно заразно заболување. Одлуката ја донесе Комисијата за заразни болести по регистрирањето на уште еден случај со мали сипаници во Кондово.  Петте деца од кои најмалото е 12 месеци а најголемото 11 години се сместени во карантински соби. Не биле вакцинирани со задолжителната МРП вакцина. Сомнителни и под надзор се сите лица кои биле во непосреден контакт со нив. Пред да завршат во болница инфектолозите велат дека поминале во неколку здравствени установи.

 -Три од нив имаа многу висока температура и други компликации и тоа се појавиле и пред осипот. Направени се потребните две анализи и е потврдено дека е морбили. Не се во критична состојба, вели Звонко Миленковиќ претседател на Комисија за заразни болести.

Појавата за опасните морбили ги крена здравствените власти на нозе. Денеска во областа Колонија во Маџари и во Кондово вакцинирале околу 100тина лица од 6 месечна до 60 годишна возраст. Скопскиот центар за јавно здравје од понеделник ќе ги проверува сите вакцинални карптони, имајќи в предвид дека во главниот град имунизацијата со МРП е падната на 60 проценти.

-Ќе има и ограничени посети во болниците бидејќи и таму може да се појави некој случај и секако мора овие денови на терен да се бараат невакцинираните за да не дојде до голем број на заразени, вели Јованка Костовска од Комисија за заразни болести.

Во зависност од состојбата на терен надлежните ќе проценат дали ќе има потреба од дополнителни мерки. Апелираат до граѓаните да не ја одложуваат вакцинацијата бидејќи малите сипаници можат да доведат до сериозни компликации но и смртни случаи како што е случајот во Романија и други европски земји. Во Македонија последен пат имаше морбили во 2014 со 110 случаи.