Бизнис
11. September 2015 - 12:32

Енергетска ефикасност за помала енергетска сиромаштија

Над 80 отсто од анкетираните домаќинства во Скопје сметаат дека енергетската сиромаштија е проблем во Македонија. Исто толкав процент од испитаниците веруваат дека  Владата треба да им помогне на домаќинствата кои не можат на време да си ги платат сметките. 
 
Ова го покажува анкетата за употреба на енергијата во домот меѓу скопските домаќинства, со посебен акцент на социјалните и еколошките прашања, која е спроведена во март и април годинава на околу 1.200 домаќинства, со помош на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања.
 
Резултатите од анкетата беа претставени на денешната работилница „Енергетската сиромаштија во Македонија и Европа: нови сознанија и решенија“, во организација на Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ и Универзитетот во Манчестер, Велика Британија. Беа презентирани најновите резултати од повеќегодишен меѓународен истражувачки проект финансиран од ЕУ, кој меѓу другото се однесува и на енергетската сиромаштија во Македонија. 
 
Проектот го раководи проф. д-р Стефан Бужаровски од Универзитетот во Манчестер, кој појасни дека се подобрува семејниот буџет на домаќинствата кои примаат социјална помош со директна финансиска поддршка, односно добиваат повеќе средства за таа намена.
 
- Проблемот е што таквите мерки се краткорочни. Ние сметаме дека енергетската сиромаштија е поширок проблем од онаа сиромаштија на приходи и доходи. По нашите проценки, во Македонија дури над 50 до 60 отсто од населението има некави проблеми во врска со енергетската сиромаштија, рече Бужаровски. 
 
Според него, долгорочното решение за овој проблем мора да е енергетската ефикасност.
 
- Сметаме дека во Македонија и во Европа се потребни посеопфатни политики за подобрување на енергетската ефикасност на станбениот фонд, посебно термичка излоација, но и системи за греење, снабдување со енергија..., рече Бужаровски.
 
Анкетата покажува дека приближно 60 отсто од анкетираните домаќинства во Чаир, Гази Баба, Железара и Скопје Север не можеле финансиски да си дозволат соодветно да го загреат домот. Таа бројка е помала во други делови на Скопје, околу 30 отсто во Карпош 1, Буњаковец и во Дебар Маало. Кај мал дел од домаќинствата, но сепак значителен, енергетските трошоци надминуваат половина од домашниот буџет. 
 
Бужаровски напомена дека кај 15 отсто од домаќинствата во Карпош 1, Буњаковец и Дебар Маало и 18 отсто од домаќинствата во Чаир, Гази Баба, Железара и Скопје Север трошоците за струја, парно, огревно дрво претставуваат повеќе од 30 проценти од домашниот буџет.
 
Д-р Сашка Петрова од Универзитетот во Манчестер додаде дека во Чаир, Гази Баба, Железара и Скопје Север 40 отсто од населението не може на време да ги плати сметките за струја, вода или парно греење. Само една четвртина од домаќинствата кои живеат во овој  дел на Скопје ги загреваат сите простории во домот, за разлика од две третини во Карпош 1, Буњаковец и Дебар Маало. 
 
Според анкетата, приближно 80 отсто од домаќинствата во Чаир, Гази Баба, Железара и Скопје Север конзумираат помалку храна и лекови со намера да заштедат финансиски средства со кои ќе го загреат домот. Оваа бројка надминува 55 отсто во Карпош 1, Буњаковец и Дебар Маало. Кога станува збор за штедење на ресурсите, над 90 отсто од населението во Чаир, Гази Баба, Железара и Скопје Север ја намалуваат употребата на електрични уреди, бојлери и осветлување за да го загреат домот. 
 
Бужаровски рече дека ќе продолжат со истражувањата во оваа област и оти тие ќе бидат подлабински. Најави дека во Скопје ќе се спроведат истражувања со околу 80 домаќинства, во текот на зимскиот и летниот период за да се види како детално се употребува енергијата во домот, на секојдневна база и како настанува до намалување на потрошувачката на енергијата и од кои причини. Тоа ќе трае година и пол, а потоа проектот ќе формулира препораки за јавните политики во Македонија, но и пошироко.