Македонија
8. December 2015 - 20:48

ЕЛЕМ: Се залагаме и за енергетика и за екологија, ќе направиме и нова студија

Скопје, 8 декември 2015 (МИА) - Електрани на Македонија во врска со проектот за изградба на хидроелектраната Бошков Мост во мавровскиот регион информира дека во изминатиот период посветено работи на реализација на низа подготвителни активности како предуслов за изградба на хидроелектраната и најавува дека согласно најнвоите препораки ќе изработи нова дополнителна студија за заштита на животната средина.

За таа цел, информираат, изработена е Студија за влијанието врз животната средина согласно строгите ЕУ директиви  и три  години се реализираат  дополнителни мерки како дел од зацртаните обврски произлезени од Акцискиот план за заштита на животната средина и социјалните аспекти.  Во процесот на подготовка е ангажирана и реномирана швајцарска консултантска куќа  која дополнително помага во спроведувањето на меѓународните стандарди, проектирање и други активности. 

Според ЕЛЕМ сите преземени процеси се реализираат транспарентно со предвидената динамика во согласност законите, политиките  на ЕБОР и строгите ЕУ директиви. Исто така, посочуваат дека во текот на целиот подготвителен период компанијата соработува со засегнатата јавност, локалната самоуправа, населението и останатите заинтересирани страни.  

Покрај Студијата за оценка на влијанието врз животната средина за ХЕЦ Бошков Мост, изготвен е и едногодишен извештај за био-мониторинг и мониторинг на животната средина во реонот каде што би била изградена новата електроцентрала. Изработена е Студија за акватичен биодиверзитет при што се утврдени и предложени мерки за ублажување на влијанијата врз животната средина и предложени се мерки за минимален прифатлив еколошки проток, а подготвен е и Планот за пејсажен менаџмент и уредување.

Во соопштението од ЕЛЕМ наведуваат дека дел од невладините организации имаат различни гледишта  за проектот и своите забелешки ги испратија до Бернската конвенција, а на  35. состанок на Бернската конвенција одржан меу 1 и 4  декември се разгледуваше и состојбата со предметниот проект. - Македонскатта делегација ја потенцираше националната политика за заштита на животната средина која е во согласност со Бернската конвенција и фактот дека постои сеопфатна долгогодишна научна анализа за вредностите на мавровскиот регион. Дел од членовите на постојаниот Комитет при БК истакнаа дека проекти како Бошков Мост се карактеристични во поголем број европски региони и дека се примери за баланс помеѓу заштитата на животната средина и социо-економскиот развој, се наведува во соопштението.

Со цел да се отстранат сите нејаснотии и да се обезбеди поголема доверба во процесот, од ЕЛЕМ сметаат дека е добро што се донесоа нови препораки кои предвидуваат да се направи нова дополнителна студија која ќе ги потврди специфичните потреби за заштита на локалната флора и фауна кон кои се има посебна одговорност. Тие,како што наведуваат во соопштението, ќе  бидат рефлектирани во планот за управување, а ќе се изготви и стратешка анализа за заштита на животната средина со акцент од кумулативните ефекти од развојните проекти, што во суштина беше прифатено и од страна на Република Македонија.

- АД ЕЛЕМ ќе ги земе во предвид овие препораки и ќе изработи Студија со цел, паралелно со текот на процесните активности да се обезбеди и инклузија на потребите и довербата на засегнатата јавност. Наша цел е да се претстават сите придобивки од проектот и на економско и на еколошко ниво, затоа што имаме план  да реализираме развојни проекти и истовремено да ја унапредуваме животната средина. Уверени сме дека може да се постигне комплементарност на овие две категории, истакнуваат од ЕЛЕМ.

Додаваат дека се во постојана комуникација со меѓународните  финансиски институции, партнери во проектот и сметаат дека сите засегнати страни треба да ги почитуваат новите препораки, кои ќе водат кон иднина на проектите и ќе ги остранат моментите на недоверба кај дел од субјектите.

Од ЕЛЕМ сметаат дека со новата дополнителна студија која ќе ја изготват во целосна согласност со препораките и според највисоките меѓународни  стандарди, ќе се потврди целисходноста на овој проект и придобивките од него  во секоја сфера.

Наведуваат дека во меѓувреме АД ЕЛЕМ ќе продолжи со процесните активности кои не се предмет на грижа и веруваат  дека Студијата која ќе се изработи ќе биде солидна платформа за креирање на понатамошните одлуки и продолжување на соработката со Европската банка за обнова и развој.