Бизнис
23. November 2017 - 13:22

ЕЛЕМ ќе ги поддржи младите пронаоѓачи од тимот „Свифт“

АД ЕЛЕМ ќе ги поддржи младите иноватори од тимот „Свифт“ кои победија на натпреварот на НАСА во Македонија со изумот „сензор за мерење на сончева енергија“ и нивниот изум ќе го употреби во своите развојни проекти, најави генералниот директор и претседател на УО на АД ЕЛЕМ Драган Миновски.

Тој посочи дека уредот ќе биде искористен за одредување на локацијата на која е најпогодно да се постави 10 мегаватна фотоволтаична електрана за производство на електрична енергија од сонце, за која АД ЕЛЕМ ги почна подготовките за изградба. Уредот ќе се користи и за максимално искористување на сончевата енергија за производство на електрична енергија на целата територија на земјава.

- Со одлука на УО на АД ЕЛЕМ ќе ги поддржиме младите пронаоѓачи со одредена финасиска сума  која ќе биде спонзорство од компанијата за да продолжат понатаму со подобрување и усовршување на нивниот изум во периодот додека тој се користи од наша страна. При тоа ќе ја следат неговата ефикасност и ќе бидат на терен вклучени во неговата примена, рече Миновски на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека ЕЛЕМ како државна компанија ќе стори се што може за да ги поддржи младите пронаоѓачи да креираат и од тоа да имаат бенефит и тие, но и државата. 

- Убедени сме дека тоа е вистинскиот начин како да ги задржиме младите да останат во татковината, а државата да им помогне во нивните пронајдоци, потенцира Миновски и додаде дека во поддршката теба да се вклучат и приватните стопанственици, бидејќи станува збор за инвестиција во иднината на земјата.

 	Прес на ЕЛЕМ

Младите пронаоѓачи од тимот „Свифт“ учествуваа на натпреварот NASA Space Up Challenge во организација на Њуменс бизнис акцелератори и иако беа средношколци и најмладиот тим успеаа да победат. Од април годинава работат на усовршувањето на прототипот кој подоцна, како што велат, планираат да прерасне во продукт што првично  ќе се продава на македонскиот пазар, а поднцна и на европскиот и американскиот.

- Функционалноста на продуктот е во помошта која ја пружа на идните инвеститори во фотволтаици да проверат дали инвестицијата би им се исплатела и за колкав временски период ќе ја вратат назад. Може да придонесе и за цели држави доколу владите покажат интерес за соработка за субвенционирање на извори на обновлива енергија, како и да најдат најсоодветни региони за изградба на фотоволтаични централи, рече иноваторот Александар Момироски, бруцош на Машинскиот факултет во Скопје.

Дамјан Постоловски, бруцош на ФИНКИ посочи дека различни локации имаат различни потенцијали на енергија.

- Нашиот продукт дава одговор колку енергија би се добила во кој период од денот или, пак, годината на дадената локација и може да служи како алатка при планирање на проекти од таков тип. Уредот е самоодржлив и се напојува со  сончева енергија, рече Постоловски.

Резултатите од пресметките и мерењата, додаде, се достапни до корисникот во реално време 24 часа во вид на веб-апликација или мобилна апликација. Може да го користат и домаќинствата кои планираат да вградат фотоволтаици.

Во тимот „Свифт“ се и Павел Ѓорговски и Јаков Докузов кои се бруцоши на ФИНКИ, како и Борче Ангелво кој студира во Германија.