Свет
25. April 2017 - 13:31

Еквадорски медиуми казнети за необјавен компромитирачки текст за опозициски политичар

Еквадорската владина комисија за медиуми, парично казни четири угледни весници и три домашни телевизиски станици, затоа што не објавиле компромитирачки напис за кандидатот на опозицијата за претседателските избори Гиљермо Ласо.

Претседатолот на комисијата тврди дека медиумите „морале да го објават текстот“ затоа што станува збор за „работа од јавен интерес“.

Текстот требало да се објави, непосредно пред изборите од 2 април, на кои кандидатот на десноцентристичкиот блок Ласо беше во трката за претседателската функција со левичарскиот кандидат Ленин Морено, силно поддржан од досегашниот претседател Рафаел Кореа.

Во текстот, Ласо кој е поранешен банкар и екононски експерт, се обвинува дека бил поврзан со офшор фирми и банки.

Написот што требало да го компромитира Ласо пред гласањето, се појавил само во неколку еквадорски весници и телевизиски станици, но не и во казнетите седум медиуми чиј рејтинг во јавноста е многу поголем.

Казнетите редакции најавија жалби до судот и ја обвинуваат владината комисија за „брутална цензура“.

Главните уредници на редакции на овие медиуми тврдат дека на овој начин, владата ја презема улогата на уредник на весниците и телевизиите, определувајќи им што треба да објават.

Текстот против Ласо, првпат се појавил во март, но во еден левичарски весник во Аргентина, познат по својата силна поддршка за Кореа и на новоизбраниот претседател Морено.

Контроверзниот закон за „дисциплинирање на медиумите“ е донесен пред четири години во времето на претседателот Кореа, кој во текот на своите три мандати, многу често се пресметуваше со медиумите.

Со декрети и со недемократски закони, Кореа затвори десетици весници, телевизиски станици и интернет изданија, најчесто, затоа што ја критикуваа неговата популистичка политика, гушењето на демократијата и изградбата на „социјализам за 21 век“.

Гиљермо Ласо во текот на својата предизборна кампања најави дека ќе го укине законот за медиумите што го донесе Кореа, за кој тврдеше дека е крајно недемократски и против слободата на медиумите.

Секој од седумите медиуми, сега треба да платат казна во вредност од по 3.750 американски долари, што е еднакво на десет основни просечни плати во новинарството во Еквадор.