Бизнис
27. October 2015 - 20:12

Економијата да покаже отпорност на политичките проблеми, порача бизнис заедницата

Да се задржи потребното виско ниво на оптимизам за да продолжи економскиот раст, бара бизнис заедницата во Македонија.

- Големата политизација на која сме изложени изминатите месеци, влијае малку депримирачки врз економијата. Затоа цениме дека треба максимално да се заложиме за да продолжат позитивните трендови во одредени стопански гранки, изјави денеска потпрестедателот на Стопанската комора на Македонија Антони Пешев, одговорајќи на новинарски прашања.

Македонската економија, додаде, мора да покаже отпорност на времените проблеми кои се случуваат во политичкиот живот. 

Пешев смета дека наводното одземање на кандидатскиот статус на земјата е многу непопуларна мерка до која нема да дојде.

- И ако дојде до такво нешто, тоа повеќе ќе има влијание врз глобалните случувања на политичката сцена, како и врз пристапот до средствата од ЕУ фондовите. За нас е поважно да го задржиме високото ниво на конкурентност на нашата економија и договорите за слободна трговија со земјите од ЕУ каде што реализираме најмногу извоз, рече Пешев и изрази надеж дека мерките кои го лимитираат извозот кон Европа, ако до нив воопшто дојде, нема да бидат ставени на листата зашто тоа би била директна казна за институциите и претпријатијата кои делуват во Македонија.

Пешев е дециден дека нема причини да се воведат какви било мерки за македонските компании зашто економијата во овој сегмент со своето делување воопшто не придонела за каков било политички застој или криза.

- Во овој момент не очекувам ЕУ да го казни македонското стопанство за нешта кои воопшто не се во негов домен, подвлече Пешев.

Тој не гледа причина зошто македонската економија би претрпела пречки заради политички одлуки .- Поминавме низ серија кризи во кои имавме поголеми ограничувања и во кои покажавме високо ниво на функционалност. Важно е дека во македонската економија денес преку 60 отсто од бруто националниот производ се остварува во компании кои се повеќе европски и светски и тие, во овој момент, не само што не се повлекуваат, туку продолжуваат со својата активност, нагласи потпретседателот на Комората Антони Пешев.