Македонија
24. July 2017 - 14:45

Еко-свест: Аерозагадувањето и енергетскиот сектор да бидат приоритет на новата Влада

Аерзагадувањето, заштитата на природата, индустријата, планирањето во енергетскиот сектор, спроведување на стандардите за животна средина за енергетски капацитети, учество на јавноста во донесување на плановите и одлуките во областа на енергетиката.... се дел од приоритетите кои се нагласени во документот за итни реформи подготвен од граѓанските организации наречен „Blueprint“, а кои треба да ги спроведе новата Влада на РМ.
 
Според невладината организација Еко-свест,  кои изминатиот период ја модерираа работната група која работеше на делот животна средина и енергетика во надградбата на документот, уставно гарантираното право на чиста животна средина на граѓаните на Република Македонија е загрозено во значителна мерка.
 
Елена Николовска од Еко-Свест информираше дека аерозагадувањето е највисоко на листата на приоритети за кое тие предлагаат формирање работна група за изнаоѓање модус за категоризирање на возила во зависност од емисиите измерени за време на техничкиот преглед.
 
-  Меѓу најбитните приоритети е и заштитата на природата за што е потребно итно усвојување на Стратегијата за биодиверзитет и нов закон за заштита на природата. Во делот на индустријата потребно е итно изготвување стратешка оценка за кумулативното влијание кое го имаат сите рудници, односно за сите дадени концесии за експлорација на рудниците во земјата, истакна Николовска и додаде дека бараат да се испита влијанието на сите 86 концесии.
 
Како приоритет во животната средина на листата наведено е и справувањето со загадување, како што ги нарече Николовска, 16-те жешки точки, почнуваќи со итна дислокација на линданот од кругот на фабриката Охис.
 
Во однос на енергетиката Невена Смилевска порача дека еден од проблемите е тоа што имаме многу ниска енергетска безбедност затоа што комплетно сме зависни од јаглен, односно, рече таа, 80 проценти струјата ја добиваме од таа суровина која ја имаме за во наредните 30 години и, која според неа, не е одржлива опција и не е со приоритетите на ЕУ.
 
- ЕУ планира да ја деркарбонизира економијата од фосилни горива целосно или околу 95 проценти до 2050 година. Во однос на планирањето на енергетскиот сектор бараме и пренасочување на идејата каде треба да се развива енергетскиот сектор со оглед на тоа што  стратегијата за енергетика се уште не е донесена. Спроведувањето на стандардите за животната средина за енергетските капацитети е еден од високите  приоритети, а тоа е објавување тендер за набавка на систем за десулфуризација на РЕК Битола, истакна Смилевска.
 
Таа како приоритет во документот го наведе и учеството на јавноста во донесувањето на плановите и одлуките од областа на енергетиката кое според неа досегашното учество на јавноста е на многу ниско ниво.
 
Во целокупната документација на документот за итни реформи биле консултирани 146 лица,  претставници на 73 организации.