Македонија
23. November 2016 - 11:13

Еко-акција за собирање електронски и електричен отпад во општина Аеродром

Општина Аеродром во соработка со Друштвото за управување со отпад „Нула отпад“, од сабота ќе почне еко-акција за собирање електронски и електричен отпад, која ќе се одржува секоја наредна сабота во различна урбана заедница.

Под електронски отпад се подразбира статични и лаптоп компјутери, тастатури, глувчиња, кабли, звучници, слушалки, домашни телефони и мобилни телефони, МП3 плеери, монитори, телевизори, дигитални камери и видео-камери, принтери, скенери, факс-машини и стерео системи, додека под електричен отпад се подразбира шпорети, машини за перење облека и садови, греалки и грејни тела, микробранова печка, машина за правење леб, апарат за кафе, други апарати од домаќинство, како и клима-уреди.

Од општина Аеродром ги повикуваат граѓаните да ги пријават или донесат старите електрични и електронски апарати од домаќинствата, од кои сакаат да се ослободат во сабота во урбаната заедница Стар Аеродром од 10 до 12 часот.