Македонија
10. August 2016 - 16:13

Екипи на Институтот за јавно здравје на терен во проценка за евентуални заразни болести

По чистењето на водата и калта од куќите кои беа поплавени од катастрофалното невреме, на ред е заштита на населението од заразни болести.

Во домовите каде беа создадени услови, денеска тимови од центрите за јавно здравје во координација со Министерството за здравство почнаа со дезинфекција. Велат денешното сончево време е потенцијална опасност од  ширење  на цревни заболувања.

Во погодените подрачја има многу бебиња, мали деца и хронично болни и затоа е неопходна превенција од појава на епидемии.

-Прво мора да се исчисти калта и потоа правиме дезинфекција. Тоа е превентивно бидејќи во вакви услови може да дојде до ентероколити, жолтица и дизентерија, вели д-р Јадранка Стаменковска од Центарот за јавно здравје во Куманово.

Десетина куќи во Стајковци беа посетени од екипите за дезинфекција. Жителите велат  спасиле жива глава од надојдената вода. Сега мора да се заштитат од ширење на болести.

-Секако дека сум уплашена. Не сакаме сега и болести да дојдат, овде сме десет члена, има 5 деца, вели баба Вера од Стајковци.

Од министерството за здравство велат дека постојано се на терен и прават проценки во кои куќи има услови за дезинфекција. Предвидено е да бидат опфатени сите кои беа зафатени од невремето.

-Почнавме со дезинфекција а правиме и проценки. Побаравме екипи и од центри за јавно здравје од другите градови и работиме на терен, вели Јовица Андовски, заменик министер за здравство.

Покрај опасноста од цревни заболувања, жолтица и диземтерија, епидемиолозите предупредија и на можност од појава  на комарци, стаорци и змии кои исто така можат да предизвикаат заразни заболувања.  Но се надеваат дека до тоа нема да дојде и ќе ги преземат сите мерки за спречување на епидемии.