Свет
19. July 2017 - 13:47

ЕК со сериозна закана до Полска: Не ги носете законите кои се закана за независност на судството, да не ви биде одземен гласот во ЕУ

Европската комисија денеска предупреди дека следната недела ќе преземе нови чекори во казнените процедури што ги отвори против Полска, а се поврзани со владеењето на правото.

Еврокомисија денеска и официјално ја повика Владата на Полска да го суспендира носењето на новите закони со кои има закана да се загрози независноста на судството во оваа земја-членка на Европската унија или во спротивно може да дојде до активирање на Членот 7 од договорот на ЕУ, односно одземање на правото на глас на полската држава на Европскиот совет. Еврокомисијата изразува сериозна загриженост за јасни ризици по независноста на судството во Полска и ја поттикнува полската влада да го суспендира носењето на новите закони, јави дописникот на МИА од Брисел.

- Оваа одлука е донесена денеска затоа што не се финализирани спорните полски законски проекти, на прес-конференција појасни заменик претседателот на ЕК, Франс Тимерманс.

На покана на претседателот на Еврокомисијата, Жан-Клод Јункер, првиот заменик-претседател Франс Тимерманс, денес ги презентираше пред Колеџот на комесари најновите случувања во врска со полското судство и дијалогот за владеење на правото, кој е во тек меѓу Комисијата и Полска од 13 јануари 2016 година.
Комисијата има сериозна загриженост во врска со четири законски акти што неодамна беа предложени во Полска, а тоа се: Законот за Националниот судски совет; Законот за Национална школа за судство; Законот за организација на обичните судови и Законот за Врховниот суд (од кои три се усвоени од страна на полскиот Парламент, едниот влезе во сила, а два се уште подлежат на потпис на претседателот и еден од нив се дискутира во парламентот).
Ако овие закони се имплементираат во нивната сегашна форма, истите според Тимерманс ќе имаат многу значително негативно влијание врз независноста на судството и ќе ја зголемат системската закана за владеењето на правото во Полска. Па, во тој поглед, Колеџот на комесари денес одржа првата длабинска дискусија за овие нови случувања и ја изрази својата сериозна загриженост и ги разгледа правните и политичките опции на располагање на Комисијата за да делува во врска со овие проблеми, како чувар на Договорите, вклучувајќи и трето правило од Препораката за закони до полската влада и можноста за поведување на постапка за прекршување на правото на Европската унија.
Опцијата за активирање на член 7 (став 1) од Договорот за Европската унија беше исто така дел од дискусијата на Колеџот на комесари, а истото значи одземање ан правото на Полска на Европскиот совет, иако земјата е де од Унијата. Притоа, комесарскио Колеџ денес се согласил да се врати на ова прашање во својот состанок следната недела, врз основа на сеопфатна правна анализа и какви-било забелешки што ќе ги поднесат полските власти и другите заинтересирани страни и европските или меѓународните организации.
 
Во исто време, Европската комисија ги повика полските власти да го суспендираат носењето на новите закони и повторно да се вклучат во тековниот дијалог за владеењето на правото со првиот заменик-претседател Тимерманс, со цел справување со сериозно изразената загриженост.