Свет
20. December 2017 - 16:21

ЕК не враќа визи за земјите од Западен Балкан и Источното партнерство

Европската комисија денеска соопшти за континуирано спроведување на показателите за елиминацијата на визниот режим од страна на земјите од Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Република Македонија, Црна Гора и Србија) и земјите од Источното партнерство (Молдавија, Грузија и Украина) .

Извештајот покажува дека барањата се исполнуваат, но во некои области се потребни дејствија за да се задржи трајно исполнување.

Еврокомесарот за миграцијата, внатрешни работи и државјанството Димитрис Аврамопулос изјави: „Цврсто сме решени да го сочуваме безвизниот режим за граѓаните на Западен Балкан и земјите од Источното партнерство и работиме заедно со нивните влади, за да се постигне оваа цел. Тоа е поврзано со одговорности за граѓаните и за властите.

Иако ги признаваме напорите кои овие земји ги вложуваат за да биде постигнат напредок и реформите да продолжат да даваат резултати, неопходна е и дополнителна работа. Очекуваме сите држави да вложат повеќе напори за справување со илегалната миграција и особено за борба против организираниот криминал и корупцијата. "

Германија азиланти одбиени

Денешниот извештај е прва оценка во рамките на новиот механизам за набљудување на осумте земји, кои го завршија дијалогот за укинување на визите со ЕУ.

Оценката укажува дека осумте земји од Западен Балкан и Источното партнерство покажале силна посветеност за исполнување на потребните услови и вложиле значителни напори за спроведување на важните реформи определени за процесот на елиминацијата на визниот режим.

Задолжително е овие реформи да бидат одржливи и земјите не отстапуваат од она што го постигнале. Денешниот извештај е насочен кон областите во кои е потребно да се преземат дополнителни активности, особено илегалната миграција и реадмисијата на мигрантите, борбата против корупцијата и перењето пари, како и јавниот ред и безбедноста.

Мерките што осумте земји ги преземаа, за да се справат со илегалната миграција, даваат резултати. Овие напори доведоа до значително вкупно намалување на бројот на барања за азил поднесени од државјаните на засегнатите земји во земјите на ЕУ.

Сепак, сé уште има предизвици со Албанија, земјата со најголем број неоправдани барања за азил од земјите без визи. Албанските власти ги засилија мерките за справување со нелегалната миграција и за подобрување на соработката со најзасегнатите земји во ЕУ.

Овие мерки даваат резултати, но напорите мора да продолжат. Поради разликите во бројот на откажување за влез и случаите на незаконит престој, ЕК ги повикува сите засегнати држави да преземат акција, како зајакнување на граничната контрола и организирање на информативни кампањи за безвизниот режим.

Србија мигранти

Соработката во областа на реадмисијата продолжува непречено со сите земји со безвизен режим од Западен Балкан и Источното партнерство, а вкупниот процент на враќање е висок.

За понатамошно подобрување на соработката во областа на враќањето, ЕК ги повика земјите од Западен Балкан да продолжат ефикасно спроведување на договорите за реадмисија и, ако е потребно, да склучат протоколи за извршување со уште земји од ЕУ.

И покрај континуираните напори за спречување и борба против организираниот криминал, криминалните групи од земјите со безвизен режим се уште вршат разновидни престапи во ЕУ, вклучувајќи трговија со луѓе и незаконски стоки, криминал против сопственоста, шверц на мигранти и кибер криминал. Сите осум земји треба да ги интензивираат своите напори за справување со организираниот криминал.

Што се однесува до спречувањето и борбата против корупцијата и перењето пари, Молдавија треба веднаш да преземе мерки. Украина, исто така, мора веднаш да преземе активности за зачувување на антикорупциските мерки воведени со претходните реформи и за понатамошен напредок.

Догодина ЕК ќе поднесе извештај повторно до Европскиот парламент и Советот на ЕУ за континуирано спроведување на барањата за елиминација на визниот режим.

Граѓаните на Црна Гора, Србија и Република Македонија можат да патуваат без визи во ЕУ од декември 2009 година. За граѓаните на Албанија и Босна и Херцеговина оваа можност е обезбедена од крајот на 2010 година. За Молдавија визниот режим отпадна во април 2014 година, за Грузија во март 2017 година, а за Украина во јуни 2017 година.