Македонија
30. October 2015 - 15:14

ЕК чека Македонија да испорача бројка на мигранти што може да привремено да ги смести

Европската комисија очекува од Република Македонија да одреди дополнителни капацитети од постоечките 2.000 за привремено сместување на бегалците од Блискиот Исток, јави дописникот на МИА од Брисел.

Во синоќа објавената прелиминарна листа на четири земји што веќе доставиле бројка на дополнителни сместувачки капацитети, а по видео-конференцијата на сите контакт-личности, меѓу кои, и државната секретарка во Министерството за внатрешни работи, Анастасија Илиеска, само Австрија, Словенија, Хрватска и Србија доставиле бројка на плус постоечки капацитети од постојните.

Австрија понуди 5.000, Хрватска и Словенија по две илјади, а Србија околу три илјади места за прием и привремено сместување на нови бегалци на западно-балканската рута. Тоа е вкупно 12 од 50-те илјади бегалци што земјите од Балканот, вклучително и Македонија, се обврзаа на неделниот мини-Самит во Брисел дека ќе ги сместат на привремен период.

- По вчерашната видео-конференција на контакт-личностите што во неделата ги определија лидерите, во моментов имаме преземени обврски за 12 илјади од вкупно 50-те илјади места од четири различни земји кои тоа го потврдија на видео-конференција. Тоа е добро, бдиејќи се работи за период од три дена, посочи портпаролката на Европската комисија, Наташа Берто.

На прашањето зошто ја нема Република Македонија во земјите кои уште вчера се обврзале на одредена бројка за прием и сместување на бегалци, од Еврокомисијата објаснија дека се инсистирало на нови сместувачки капацитети, а не на постојните. Во неделата претседателот Ѓорге Иванов посочи дека македонската држава може да прими максимум две илјади бегалци.

- Во лидерската изјава тоа е договорено од сите 11 лидери што се состанаа во неделата, а во која имаше две работи. Една е зголемување на капацитетите за прием во Грција на 50 илјади места, а другата за привремено сместување до 50 илјади бегалци на западно-балканската рута. Различна е ситуацијата од земја до земја, но сите лидери потпишаа да се осигура додека луѓето се движат на рутата да не бидат оставени без прифатилиште, да може се одморат, посочи Берто.

Според гласноговорничката на Еврокомисијата, Брисел очекува сите лидери што учествуваа на состанокот во неделата да го следат усвоеното и дека ЕК очекува предлог како најдобро бегалците да се дистрибуираат.

- Ние имаме засега преземени обврски за 12 илјади бегалци од четири земји и истото го очекуваме и од останатите. Некоја земја ќе мора да даде повеќе капацитети од друга, но нам ни треба прагматичен пристап до ова прашање за да се осигураме дека ова што го правиме ќе обезбеди за луѓето што се движат да имаат место да одморат. БЈР Македонија досега не презеде обврски за капацитет за привремено сместување на бегалците, но очекуваме да го следи примерот на оние што тоа веќе го сторија, дополни портпаролката Наташа Берто.