Македонија
12. February 2016 - 16:54

Ефтов: Што денеска де факто се случи!? Едно добро реализирано политичко сценарио

 
Новинарот Васко Ефтов со свое видување на денешната прес-конференција на Специјалното јавно обвинителство, за која многумина искоментираа дека повеќе личеше на партиска прес конференција на СДСМ. Еве што напиша Ефтов:
Во секоја работа и во секој процес морате да барате логика. Ако вистински ја дефинирате логиката на настаните тогаш лесно ке ги процените разврските. Во денешните случувања прво ќе барате психолошка, потоа политичка и на крај правна логика. И сите нив потоа ќе ги премачкате како риба во брашно и ќе ги ставите во тавчето на вашето расудување и анализирање. Што денес де факто се случи!? Едно добро реализирано политичко сценарио. Во тоа сценарио секој го доби тоа што го сака. За да дефинирате кој што сака треба да ги дефинирате нивните потреби. На пример: Дали кога скијате во Банско ви се јаде сладолед на ски патеките!? Или дали кога се сунчате на плажа на Халкидики ќе платите пет евра за ладно пиво или за топла супа!? Кога сте гладен или жеден тогаш сте спремни да платите многу скапа цена за да ги задоволите вашите потреби. Заев има потреба да покаже дека е важен, моќен и главен. И дека се во државата зависи од него. Кога се слика со новинарите во Ла Тераца тој не се крие-туку прават селфи. Важно му е да покаже дека се сите со него и дека сите новинари во опозицијата се имаат построено зад неговата политика. Кога Катица Јанева апси тој сака да покаже дека кога и како ќе делува Катица зависи од него. И дека избори ќе има кога Тој ќе сака. Затоа и првите апсења се за изборните измами, а не на пример за градоначалникот на Битола што би било политичко многу помудро. Што сака Груевски? Избори на 24 април или плус минус некоја недела подоцна. Што е подготвен да направи да има избори во април? Се што треба. И во таа функција ќе ги толерира сите манифестации на сила од страна на Зоран Заев. Зошто му е тоа важно на Груевски? За да покаже дека денес власт во Македонија се странците со помош на нивното “политичко протеже” Зоран Заев. Груевски сака да покаже дека денес цела власт е во рацете на Заев: Тој апси, тој менува функционери по министерствата, тој е недопирлив бидејќи го штитат странците, Тој е Господ или човек на Господ пратен да ја среди Македонија. Кога е така моќен Зоран Заев тогаш која би била логиката СДСМ и Заев да не одат на избори. Се зависи од нив. Нема веќе човечиња, Пустец, фалсификат лични карти, лажни избирачки списоци. Се тоа веќе го нема-и има услови за фер избори. Тие избори нема да бидат проблематизирани од Заев. Победа на такви избори е стратегија за која е Груевски спремен да ја плати секоја цена која ќе биде потребна. И кога така се дефинирани стратегиите на Заев и на Груевски тогаш Вас ќе ви биде лесно да процените какви ќе бидат политичките разврски во Македонија. Јас можам само малку да ви ги осветлам работите и политичките патеки, се друго веќе можете самите да го видите и процените.