Македонија
16. April 2016 - 9:42

Едукативни работилници за пештерите во Македонија

Во Зоолошката градина во Скопје денеска почнува серијата интерактивни едукативни работилници за пештерите во Македонија, лилјаците, мечките, рисовите и општо за спелеологијата.

Работилниците „Во светот на пештерите“ се за ученици од 5 до 7 одделение, а ги организираат ЦМА КРИК и Истражувачко друштво Урсус Спелеос Скопје во соработка со Зоолошката градина и Македонското еколошко друштво во период април - мај 2016 година.

Целта е младите да научат повеќе за убавините на пештерите во Македонија, да се мотивираат и да се поттикнат на истражување на подземните убавини, како и да стекнат нови, здрави навики.

На првата работилница, денеска попладне, воведно предавање за спелеологијата и пештерите ќе одржи Билјана Гичевски од Истражувачкото друштво Урсус Спелеос. Втората работилница е најавена за 23 април и на неа ќе стане збор за животните и лилјаците. Предавач ќе биде гостин од Македонското еколошко друштво. Третата, на 7 мај, ќе биде ликовна - ќе се цртаат пештери, а на четвртата, на 14 мај, ќе се прават пештерски украси од глина.

Циклусот завршува со изложба чие одржување ќе биде дополнително закажано.

Работилниците се бесплатни и базираат на  техники на неформалното образование. Вклучуваат работа во групи, креативни методи,...

За да се добие сертификат, потребно е да се учествува на најмалку едно предавање и на една работилница.