Македонија
19. March 2018 - 13:15

„Еднаш свет изградив“ - младинска претстава инспирирана од „Сидарта“

„Еднаш свет изградив“ е нова претстава за млади на Театарот за деца и младинци (ТДМ) која премиерно ќе биде изведена задутре, 21 март. Режисерот Јане Спасиќ е автор и на текстот и го напишал инспириран од  „Сидарта“ на Херман Хесе. 

Со оваа премиера, која е подготвена за средношколци од 15-16 години, ТДМ повторно сака да ја заживее младинската сцена зашто сега на репертоарот нема претстава наменета за тинејџери, а последната премиера беше „Заспаниот разум раѓа чудовишта“ пред речиси три години. 

 - Претставата е приказна за односот меѓу татко и син, за нивните препознавања, разбирања, наоѓањето на смислата за некои одлуки  што ги направил таткото во животот, дали и синот треба да го направи истото. Дали ако изборот на синот е идентичен, и неговите грешки ќе бидат идентични со тие на неговиот татко, рече режисерот Спасиќ на прес-конференција.

Актерот Драган Довлев, кој ќе го игра ликот на таткото, напомна дека не се работи за поставување на „Сидарта“ на Хесе, но дека претставата ги отвора егзистенцијалните прашања што ги создржи и оваа филозофска книга. 

- Не знам колку е можно да се постави „Сидарта“ во театар или на филм. Претставата е приказна за постар човек кој пред крајот на животот е болен од деменција и си замислува дека го живеел животот на Сидарта. Но сите прашања што Хесе ги отвора во неговата книга се во нашата претстава, како што се: кој сум, што сум, каков сум бил порано, што сум сега, што ќе биде со мене во иднина, дали животот ми има смисла или треба нешто да променам, дали треба и натаму да трагам и да учам или да се задоволам со знаењата што ги имам?, рече Довлев, додавајќи дека и задача на театарот е да се занимава или да отвора вакви прашања и теми. 

Ненад Митевски, кој го игра синот во претставата, рече дека неговиот лик ги гледа фазите предвреме и себеси се гледа во ликот на таткото. 

Покрај нив,  учествуваат и актерите Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Бојан Кирковски и деветгодишниот Михаел Стојановски. Сценографијата е на Мери Батаноја, костимограф е Бранкица Јордановска, композитор на музиката  Дарија Андовска. 

Театарот за деца и младинци планира да го продолжи континуитетот на младинската сцена и средите од 20 часот да бидат резервирани за претстави за тинејџери и адолесценти. На репертоарот ќе бидат вратени претходните три младински премиери - најпрво „Нашиот клас’, а веројатно од следната сезона и „Заспаниот разум раѓа чудовишта“, како и Орвеловата „Животинска фарма“ која играше многу кратко на оваа сцена.

Според директорката на ТДМ Катерина Илиевска-Силјановска, од технички причини и, како што рече, набиена агенда, нив сега ги нема во понудата на театарот.