Македонија
21. August 2017 - 16:25

Една жена загина, 27 се повредени, спасена раката на 9-годишното дете

68-годишна жена синоќа почина на скопските клиники, а 27 патници се повредени при превртувањето на автобусот во близина на Велес. Сите се надвор од животна опасност, информираше министерот за здравство. Во Клиничкиот Центар примени се 17 пациенти, меѓу кои и деветгодишно девојче со сериозна скршеница на раката, а лекарите успеале да ја спасат од ампутација.

-„Девојчето било со практично ампутирана лева рака од самата траума, но нашите хирурзи успеале да ја оперираат и да ја спасат раката. Се надеваме дека целосно ќе се врати функцијата на раката”, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.

Покрај детето На КАРИЛ се сместени уште 7 пациенти, а тројца се на апарати за дишење.

Синоќа во Ургентниот центар во Скопје беше донесено две годишно девојче повредено во собраќајката, но според информациите од лекарите по укажаната помош пуштено е дома. На Торакална хирургија е хоспитализиран и 48 годишниот возач на автобусот и тој се здобил со потешки повреди на градниот кош.

Едно лице е примено во ГОБ 8 септември, 5 повредени се задржани во велешката болница исто толку се пренесени и во старата градска болница. Таму е згрижен и највозрасниот меѓу повреденените патници- 70 годишен маж.

-Мажот е со сериозни повреди на градниот кош со скршеници на ребра, еден слабински пршлен...и не е во животна опасност. Сите испитувања се направени и преземени се мерки. Се наложи мала хирушка интервенција на градниот кош, рече д-р Иван Спировски, директор на Клиниката за хируршки болести св. Наум Охридски

Покрај со 10-те амбулантни возила од Велес, Куманово и Скопје, повредените биле транспортирани во болниците и Клиниките и со приватни возила на граѓани кои случајно се затекнале на местото на несреќата.

-Ние сме спремни за вакви ситуации кога има повредени, изјави д-р Илир Хасани, директор на ТОАРИЛУЦ

Меѓу повредените со тешката сообраќајка има цели фамилии. Родители со деца кои се враќале од летен одмор од Пефкохори. Нивни роднини и пријатели цела ноќ пред Ургентен чекаа информации за здравствената состојба на блиските.