Македонија
11. March 2018 - 19:16

Една година од пристигнувањето на чудотворната икона на Богородица Скоропослушница во Струмица

Со свечени литургии и  литија Струмица одбележа една година од пристигнувањето на чудотворната икона на Богородица Скоропослушница.

Одбележувањето на споменот од пристигнувањето на иконата започа синоќа со целоноќно бдение во храмот Свети 15 Тивериополски маченици каде точно пред една година беше донесена иконата, а продолжи денеска со празнична Архиерејска литургија и литија низ централните улици на градот. На плоштадот Гоце  Делчев  беше одржано молитвословие, а  многубројниот верен народ го поздравија митрополитот Европски Пимен и  отец Филотеј од манастирот Дохијар од Света Гора.

-Кога ја имате веќе оваа икона тоа да не биде само за да се фалите пред другите градови дека имате икона, а никогаш да не одите пред неа и да се помолите и да се заблагодарите за секое едно добро кое што ни го дарува Господ Бог по молитви на својата пречиста мајка, туку постојано да го градите тој ваш однос молитвен со пречистата богомајка и на тој начин Господ Бог да ви дарува многу денови и многу добрини во вашите животи, рече митрополитот европски Пимен.

- Само од Бога доаѓа внатрешното единство и таинственото единство на црквата. Не постои видлива и невидлива црква, ниту пак е точно дека црквата само таинствено е една и обединета, а видливо е поделена на делови. Црквата е една, рече отец Филотеј – од манастирот Дохијар.

Исто како и пред една година голем број верници не само од Струмица туку од сите краеви на државата се приклучија во свечаната  поворка и се поклонија пред чудотворната икона на Светата мајка.

Покрај Митрополитот Струмички Наум,  на денешната свечена литија приствуваа и голем број други владици, монаштвото и свештеници на МПЦ – ОА.

Чудотворната икона на Пресвета Богородица Скоропослушница е копија на оригиналот кој се чува во светата обител на Светите Архангели, односно манастирот Дохијар на Света Гора. Црквата  Свети 15  Тивериополски маченици ја доби како подарок   од  братството и со благослов на старецот на манастирот високопреподобниот отец Григориј.

Во светот има сам пет копии на чудотворната икона на Пресвета Богородица Скоропослушница, една од нив е иконата во Струмица.