Бизнис
23. March 2018 - 21:23

ДЗС: Просечна исплатена плата во јануари 24.000 денари, за задоволување на основните потреби потребни се 32.000 денари

Просечната плата надмина 24.000 денари. Државниот завод за статистика денеска објави дека во јануари година просекот за нето платата изнесувал 24.025 денари. Но исто така според статистичките податоци, ниту половина од вработените не заработуваат по 24.000 денари. Односно, секторите каде работат најголем дел од макеоднските работници имаат помали плати од државниот просек.

Пример, во преработувачката индустрија каде работат 116.298 лица или околу третина од вкупниот број работници во земјава во јануари била исплатена просечна плата од 19.381 денар. Во трговијата каде работат околу 100.000 лица или 26% од сите работници просекот во јануари изнесувал 22.000 денари. Следен сектор во кој работат најмногу луѓе е градежништвото. Таму работат над 33.000 лица или 11% од вкупниот број вработени. Просечната плата на стартот на 2018 во овој сектор изнесувала 20.500 денари.

Овие бројки покажуваат дека над половина од работниците во земјава не заработуваат за да ги задоволат основните потреби. Синдикатот престемал дека за нормална живеачка на едно четричлено семејство се потребни 32.383 денари. Ова значи дека просечната плата ги покрива само трошоците за храна и сметки.

За намалување на сиромаштијата, фондот за иновации денеска распиша оглас на кој ќе бара системско решение за намалување на сиромаштијата. Целта е да се собираат вишоците храна за да се обзбеди оброк за најсиромашните. Огласот е отворен до мај, а буџетот за проектот изнесува два милиони денари.