Свет
19. July 2016 - 8:57

Џонсон: Позитивни преговори со партнерите од ЕУ за Брегзит

Британскиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон, синоќа изјави дека водел позитивни и продуктивни преговори со своите колеги од Европската Унија за излегувањето на Велика Британија од Унијата по референдумот за Брегзит, пренесоа британските медиуми.

Велика Британија ќе треба да договори нови односи со ЕУ, откако нејзната влада ќе го активира член 50 од Лисабонскиот договор, со што ќе го означи официјалниот почеток на преговорите за „разводот“.

„Се сретнав со многу колеги од ЕУ на билатерална основа и со нив разговаравме како да се примени одлуката од гласањето за ЕУ. Разговорите беа позитивни и продуктивни“, напиша Џонсон на Твитер.

Тој вчера во Брисел за првпат како шеф на дипломатија присуствуваше на Советот на министри за надворешни работи на земјите од ЕУ. Џонсон кажа дека со своите колеги разговарал за идната соработка меѓу ЕУ и Велика Британија во надворешната политика, за спречениот обид за преврат во Турција и за крвавиот атентат во Ница.

Британскиот прв дипломат и приврзаник на Брегзит ја повика Европската Унија да не ги затвора своите врати за Велика Британија и изрази желба таа да продолжи да игра водечка улога во Европа.

-Треба да ја реализираме волјата на народот и да ја напуштиме Европската Унија, но ние во ниту еден случај нема да се откажеме од нашата водечка улога во Европа, рече Џонсон пред новинарите во Брисел.

На Советот на министри за надворешни работи за првпат присуствуваше и американскиот државен секретар Џон Кери, напоменаа француските медиуми.

Џонсон денеска во Лондон ќе се сретне со Кери за да го подвлече значењето на специјалните односи меѓу двете земји по одлуката на Велика Британија да излезе од Европската Унија, информира Форин офисот, цитиран од француските меидуми.

Британскиот министер потоа ќе учествува на средба за сирискиот конфликт со своите колеги од Германија, Франција и Италија и со шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини. Пред средбата со своите европски колеги Џонсон упати повик до Русија и другите држави да побараат оставка од сирискиот претседател Башар ал-Асад.

-Јасно ќе ја изразам својата позиција дека страдањата на сирискиот народ нема да завршат се додека Асад е на власт. Меѓународната заедница, вклучувајќи ја и Русија, треба да биде единствена по ова прашање, додаде тој.