Свет
22. January 2017 - 13:43

Џери Адамс : Брегзит ќе го уништи договорот за Северна Ирска од Велики петок

Лидерот на Шин Феин , Џери Адамс изјави дека Брегзит и извлекувањето на Северна Ирска од ЕУ ќе го уништат договорот од Велики петок, од 1998 година.

- Намерата на британската влада да го извлече Северот (Северна Ирска) надвор од ЕУ и покрај желбите на лугето да останат во Унијата, претставува непријателски акт- изјавил Адамс во Даблин.

Зборувајќи на една трибина во ирскиот главен град, Адамс побарал од владата во Лондон „специјален статус„ за Северна Ирска по Брегзит. Ваквиот статус , според лидерот на Шин Феин, нема да го наруши уставниот статус на покраината, како составен дел на Велика Британија.

Џери Адамс го предупредил Лондон дека Брегзит е удар врз договорот потпишан пред безмалку 19 години, затоа што со напуштањето на ЕУ, одново се воспоставува граница меѓу Северот и Југот (Република Ирска) ,  Британија излегува од Европскиот суд на правдата, како и  од Европската конвенција за човекови права, а тие  се составен дел од договорот од Велики петок.

„Британската влада одбива да го прифати фактот дека граѓаните од Северот, со договорот имаат право на ирско државјанство, а преку него и на државјанство на ЕУ„- рекол Џери Адамс.

На референдумот од 23 јуни, на кој мнозинството Британци беа за Брегзит, 56 отсто од Северноирците се определија за останување на Велика Британија во ЕУ, додека 44 отсто беа за напуштање на Унијата.

Веднаш по референдумот, партијата Шин Феин која агитираше за останувањето во ЕУ, предупреди дека заминувањето од Унијата затоа што така сакаат Англичаните, ќе ги наруши стабилноста на Северна Ирска и односите воспоставени со договорот за траен мир од април  во 1998 година.

Триесетгодишните судирања на католиците и протестантите во Северна Ирска во кои едните бараа соединување на Северот со Југот на поделениот остров, додека другите сакаа и натаму Северна Ирска да биде дел од Обединетото Кралство, предизвикаа десетина илјади загинати и повеќе десетици повредени лица.

Република Ирска која е еден од гарантите на договорот од Велики Петок, заедно Британија и ЕУ, е загрижена за ситуацијата по Брегзит.

Официјален Лондон засега не ги коментира изјавите на Адамс во Даблин, освен што останува на првичната изјава од пред шест месеци дека Брегзит нема да му наштети на договорот, неприфакајќи дека Северна Ирска одново ќе се најде во криза.