Свет
26. May 2017 - 12:28

Џереми Корбин: Теророт во Британија поради војните во странство

Лидерот на британските лабуристи Џереми Корбин ја обвинува надворешната политика на Велика Британија и војните што таа ги има водено, за терористичките напади на британска почва, вклучувајќи го и последниот во Манчестер.

Тој смета дека постои врска меѓу војните и тероризмот дома, па дека во иднина тоа ќе мора да се измени, ветувајќи дека доколку Лабуристичката партија победи на изборите од 8 јуни, тој и новата влада ќе ја сменат досегашната надворешна политика на земјата, а посебно нема да прифаќаат повеќе британско учество во воени интервенции по светот.

Корбин беше еден од најострите критичари на учеството на британската војска во воените интервенции во Авганистан и во Ирак, гласаше против учеството на Британците во бомбардирањето на Либија, кое доведе до смена од власт на Моамер Гадафи, а сега е против учеството на британската авијација во бомбардирање на џихадистичките позиции на Исламска држава во Сирија.

- Мораме да биде храбри и да признаеме дека војната против теророт, едноставно, не функционира, смета Корбин, инсистирајќи дека сега треба да се создаде нов и попаметен начин за намалување на заканата од оние земји кои „одгледуваат терористи“ или го менаџираат тероризмот.

Ваквите позиции на Корбин се директно спротивни на политиката која ја води владата на премиерот Тереза Меј и нејзината сегашна објава на „војна со тероророт“ по нападот во Манчестер, во кој беа убиени 22 лица, глвано млади луге и 116 се полесно или потешко повредени.

Лондонските аналитичари проценуваат дека обновената предизборна кампања која почнува денеска, Корбин ја насочува кон Меј и користејќи ја актуелната состојба на максимална тревога и очекување на нов напад, ја суди досегашната политика на актуелниот премиер.

Левичарите и либералите во Британија, како и антивоените активисти се согласуваат со ваквата позиција на Корбин, која сега е позиција и на Лабуристичката партија, но негови сопартијци, кои им припаѓаат на центристичките линии во партијата, и поранешни министри ги отрфлаат како целосно погрешни ваквите негови погледи.

Поранешниот министер за внатрешни работи и лабурист, Чарлс Кларк потсетува дека терористичките напади од 11 септември 2001 година се случија од ништо не предизвикани, пред Ирак, Авганистан, или Сирија, затоа што целта на силите што ги извршија, убивајќи три илјади лица, не беше одмаздата, туку намерата да се измени западниот начин на живот.