Македонија
12. March 2018 - 17:38

Џафери-Звиздиќ: Посилна соработка меѓу парламентите на Македонија и БиХ


Претседателот на Собранието на РМ Талат Џафери, денеска се сретна со претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ.

Посетата ја оцени како продолжение на добрата и пријателска соработка меѓу двете земји, поздравувајќи го потпишувањето на спогодбите помеѓу Македонија и БиХ, како предуслов за уште посилна и посестрана соработка во повеќе области.

Џафери со својот гостин го сподели неговото убедување дека ратификацијата на овие договори ќе помине без никаков проблем во Собранието на РМ, затоа што усвојувањето на овие договори е пред се во корист и заемен интерес на граѓаните на двете пријателски земји, соопшти собраниската прес-служба.

Истакна дека е силно фокусиран на својата должност и дека во насока на интензивирање на парламентарната соработка, упатил покана до колегите претседавачи на двата дома на Парламентот на БиХ да ја посетат оваа година Македонија.

Џафери го потенцираше фактот дека Македонија по завршувањето на политичката криза е силно фокусирана кон евроатланските интеграции, и во таа насока изрази оптимизам дека очекува придвижување кон изнаоѓање прифатливо решение околу спорот со името со Грција, како и позитивен и безусловен извештај од Брисел за напредокот на Македонија.

Звиздиќ, се заблагодари на можноста за средба со претседателот на Собранието на РМ и на топлиот и пријателски прием во нашата земја, и со задоволство констатираше дека односите меѓу двете страни бележат постојан прогрес и токму денешното потпишување на спогодбите меѓу двете земји, како што истакна Звиздиќ, е вистински показател на таа соработка на која работат интензивно двете држави.

Високиот гостин од БиХ на средбата ја истакна потребата од јакнење на регионалната економска соработка, како и потребата од сообраќајното авионско поврзување помеѓу Скопје и Сараево, со што ќе се олесни комуникацијата меѓу бизнисмените и стопанствениците на двете страни.

Звиздиќ ги посочи двете земји како пример за добра соработка во повеќе области во регионот и нагласи дека нашите земји на Балканот немаат подобра алтернатива од ЕУ, и, во таа насока, ја истакна високата поддршка која граѓаните на БиХ ја даваат за интеграцијата во ЕУ.

На крајот на средбата, двајцата соговорници се согласија дека ќе продолжат да работат заеднички кон евроинтегрирањето и ќе продолжат да бидат пример во регионот.