Македонија
10. November 2017 - 16:04

Џафери: Законот за јазици од понеделник се враќа во Собранието

Од понеделник Собранието го очекува интензивна агенда имајќи ги предвид продолжување на седниците за законот за јазиците, за носење на буџетот за 2018, за избор на нови членови на Владата и на јавен обвинител, седница за пратенички прашања и за редовното годишно обраќање на претседателот Ѓорге Иванов, како и за ратификација на Договорот со Бугарија.

На денешната средба со новинарите претседателот на Собранието Талат Џафери најави и измена на парламентарниот Деловник, што како што кажа, би значело и првични разговори во рамки на иницијативата „Жан Моне“. Џафери кажа дека работна група на претставници од пратеничките групи ќе го разгледува драфтот на измените во десетте денови кога за буџетот за 2018 ќе расправа Комисијата за финансирање и буџет. Би се менувале одредбите за конститутивната седница, бројот на пратеничките групи, процедурите за реплицирање и контрареплицирање и друго. 

- Не би требало да се создаде слика дека ние сме подготвени да направиме нешто без опозицијата, но имајќи ја предвид комуникацијата која ја воспоставивме сметам дека се создадени услови за прецизирање на некои нешта кои би биле исто разбрани од сите, рече Џафери додавајќи дека е поминато времето кога политичките партии ќе се фокусираат само на теснопартиските одлуки. 

Според него, во рамки на дијалогот од процесот „Жан Моне“ треба да се почне со полесни политички теми, како измените на Деловникот за работа на Собранието. Џафери вели дека претставниците на парламентарните партии се согласиле на разговори, но оти некои од нив требало да направат дополнителни консултаиции поради внатрепартиските случувања. 

Во понеделник ќе продолжи расправата за законот за јазиците, а дебатата во текот на неделата би можело да биде прекината доколку во Собранието дојде предлог за нови членови на Владата. Потоа би започнала расправата за буџетот за 2018 година. Потоа според сегашните проекции би требало да се одржи седница за пратенички прашања, но и за ратификација на договорот со Бугарија. 

Исто така Џефри, како што кажа, стапил во комуникација со кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов во врска со потребата за нови судии во Уставниот суд. 

Во 2017 година Собранието донело 20 закони, од кои еден по итна постапка, 13 по скратена, две ратификации и четири закони во редовна постапка.