Македонија
21. September 2017 - 15:03

Џафери се сретна со делегација на Комисијата за меѓународни односи на Домот на лордовите

Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери денеска се сретна со делегација на Комисијата за меѓународни односи на Домот на лордовите во Парламентот на Обединетото Кралство, лордот Брус Грокот и баронесата Џин Кусинс.

Џафери, како што соопшти собраниската служба за информирање, на почетокот на средбата изразил голема благодарност за силната и отворена поддршка што Обединетото Кралство ја дава на Република Македонија во однос на потребните внатрешни реформи на патот кон нејзиното интегрирање во евроатланските структури и нагласил дека и покрај Брегзит, во Република Македонија и понатаму ќе бидат добредојдени британските искуства од членството во Европската Унија, кои ќе помогнат во остварувањето на стратешката цел, а тоа е полноправното членство во Европската Унија.

- Претседателот на Собранието информираше за потпишувањето на вториот Меморандум за соработка со Вестминстерската фондација за демократија што се случи на 15 септември, на Денот на демократијата, што е и потврда за одличната соработка што се негува во изминативе дваесет и пет години, меѓутоа и потврда за нашата подготвеност за стекнување и имплементирање на добрите парламентарни практики според примерот на британскиот Парламент, кој е лулка на светската парламентарна демократија, се вели во соопштението.

На прашањето кои се првите предизвици со кои се соочил Џафери при преземањето на оваа висока државна функција, претседателот на Собранието одговорил дека тоа е унапредувањето на демократските процеси, јакнењето на институциите, зацврстувањето на контролната улога на парламентот, транспарентен парламент и сходно на овие предизвици, како што рекол, потребата од одредени измени на Деловникот на Собранието. 

британски парламентарци

Лордот Грокот и баронесата Кусинс изразиле задоволството од приемот во Собранието на Република Македонија, во домот на демократијата и на граѓаните, бидејќи, како што посочиле, Парламентот претставува столб на демократијата. - Функцијата претседател на Парламент е најважна и најодговорна, особено при транзиција на власт. Таа позиција бара голема лична посветеност и истрајност, а фактот што јавното мислење и поддршка се подобрени, дополнително го охрабруваат за работа актуелниот претседател на Собранието, истакнале тие.

Соговорниците размениле мислења околу идните предизвици на новиот парламентарен состав, околу улогата на Собранието како коректив на извршната власт и за потребните реформи според Планот „3-6-9“ на Владата во насока на што побрзо интегрирање на Република Македонија во евроатланските структури. Исто така, одржувањето и негувањето на добрососедските односи е императив за заедничката регионална стабилност.