Македонија
25. July 2017 - 15:33

Џафери се сретна со азербејџанскиот амбасадор Багиров

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери денеска се сретна со вонредниот и ополномоштен амбасадор на Република Азербејџан во Република Македонија, Фаик Багиров. 

Џафери, соопшти собраниската служба за информирање, изразил задоволство за реализација на средбата со претставник на земја пријател и поддржувач на Република Македонија, со која се воспоставени билатерални односи уште од 1995 година под уставното име и за поддршката на Република Азербејџан на билатерално и мултилатерално ниво.

Бил изразен интерес за интензивирање на билатералните контакти на сите нивоа, вклучително и на парламентарно ниво, имајќи го предвид фактот што во Националното собрание на Азербејџан има воспоставено парламентарна група за соработка со Парламентот на Република Македонија, како и во повеќе области како енергетика, туризам, зголемување на трговската размена и други области од заемен интерес за двете држави.

Во однос на барањето упатено до шефот на нашата Делегација во ПС на ОБСЕ од страна на потпретседателот на ПС на ОБСЕ, Азај Ѓулиев, за потпишување на Протокол за формирање на „Група за поддршка на Патот на свилата" во рамките на ПС на ОБСЕ, а која ја потпишаа сите земји кои беа присутни на состанокот во Минск, Џафери го информирал соговорникот дека поради немање парламентарна делегација на состанокот, документот не бил потпишан од наша страна и дека тоа ќе биде направено на следниот состанок на ПС на ОБСЕ во Андора.

Амбасадорот Багиров му упатил честитки на Џафери за неговиот избор и му врачил писмо од претседателот на Националното собрание на Азербејџан, Октај Асадов со официјална покана за посета. Република Азербејџан е меѓу првите држави што ја признаа Република Македонија под уставното име и во континуитет ја искажува поддршката за негување и интензивирање на билатералните односи и за зголемување на заемната економска соработка.