Македонија
20. November 2017 - 16:02

Џафери-Мета: Меѓудржавните односи во континуитет се продлабочуваат

Како претседател на Собранието ќе го дадам својот придонес во зајакнувањето и интензивирањето на односите меѓу двете пријателски земји на сите полиња, а особено во рамките на зајакнување на парламентарната соработка на сите нивоа, порача претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери на денешната средба во Скопје со претседателот на Република Албанија Илир Мета.

Како што информираат од собрансиката прес-служба, посакувајќи му добредојде, Џафери го изрази своето задоволство што во континуитет се зајакнуваат и продлабочуваат взаемните меѓудржавни односи и што се споделуват заеднички вредности и интереси со Република Албанија во рамките на евроатланските интеграции.

Претседателот на Собранието  се заблагодари за континуираната поддршка од страна на Република Албанија за интеграцијата на Македонија во НАТО и ја потенцираше силната определба на новата македонска влада во однос на реформските процеси неопходни за евроинтеграција на земјата. Тој ја нагласи подготвеноста на Собранието на Република Македонија да заземе централно место во нивната реализација.

Албанскиот претседател Мета изразувајќи го своето задоволството од средбата со претседателот на македонското Собрание, истакна дека го радува фактот што за прв пат претставник од албанската заедница во Република Македонија е претседател на Собранието и извршувањето на оваа висока и важна функција ќе биде само поттик кон зајакнување на меѓуетничките односи и соживотот во Република Македонија.

Претседателот Мета, исто така, ја нагласи потребата во наредниот период и двете страни тесно да соработуваат во областа на евроинтеграциите, бидејќи законодавниот дом има клучна улога на патот за влез во европското семејство. Тој ја поздрави идната заедничка владина седница меѓу двете земји која ќе биде со конкретни точки и прашања од заеднички интерес и ја искажа потребата од деблокирање на Република Македонија за влез во НАТО и ЕУ.

Двајцата соговорници го изразија своето задоволство од досегашното ниво на соработка меѓу двете земји и ја истакнаа својата определба да придонесат овие односи да се продлабочуваат и зајкануваат и во иднина.