Македонија
17. May 2017 - 14:46

Џафери даде исказ пред ЈОРМ за настаните од 27 април во Собранието

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска даде исказ во Јавното обвинителство на Република Македонија во врска со настаните и насилствата од 27 април во Парламентот. Со неговиот исказ, смета дека ќе придонесе за соодветно формулирање на настанатите дела како и за откривање на сторителите и за припадници на МВР кои не презеле соодветни мерки за заштита на пратениците, новинарите и други повредени лица.  

- Ja испочитував граѓанската обврска да одговарам на повикот на соодветната инстититуција во која дадов свој исказ и свое видување по однос на настанот од 27 април. Мислам дека мојот исказ ќе придонесе соодветната институција да има соодветни докази и третман. Тие што насилно влегле повеќето беа со намера да ги загрозат физички животите на пратениците, новнарите и сите кои беа присутни тоа време во Собранието, рече Џафери. 

Смета дека од неговиот исказ ќе се извлече и соодветен заклучок по однос на формулирањето на кривично-правниот настан од 27 април и оти соодветно ќе се преземат кривично-правни мерки за учесниците и на оние кои не делувале за време на насилствата, како што се пратениците кои ги отвориле вратите во Собранието, но и вработени во МВР кои не го попречувале насилството.