Македонија
29. September 2015 - 17:42

Џафери: Анализата на Охридскиот договор ќе помогне да се креираат политики за подобри меѓуетнички односи

Со анализата на охридскиот рамковен договор треба да се утврди што е постигнато изминатиот период и колку се подобрени меѓуетничките односи. Тие што велат дека охридскиот договор е мртов, само се обидуваат да придобијат политички поени, бидејќи тој е еден од главните услови за Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. Ова го соопшти вицепремиерот задолжен за спроведување на Охридскиот договор Муса Џафери,на брифингот со новинарите, на кој присуствуваа и амбасадорката на ОБСЕ Нина Суомалајнен и претставникот на европскиот институт за мир Питер Фејт.

“Мора да разгледаме кои се постигнувањата од досегашната имплементација на Охридскиот рамковен договор. Ова е сложена тема бидејќи договорот и законите кои произлегуваат од него ги опфаќаат сите сфери на живеење. Со договорот може да се изгради едно потолерантно општество. Мора да се води сметка да бидат вклучени сите етнички групи како Турците, Србите, Бошњаците и Ромите”, изјави вицепремиерот Муса Џафери.

Питер Фејт потенцираше дека анализата на договорот не е ништо спорно, и дека се практикува во многу земји во светот каде што се потпишувале мировни договори.

Амбасадорката на ОБСЕ Суомалајнен соопшти дека ваквата анализа на договорот е позитивен чекор за иднината на земјата.

-Конфликт може да се реши, а да се имплементира договореното е обврска на владата, но и на сите граѓани. Договорот е поставен на здрава основа и има суштинско значење за евро интеграцијата на Македонија, изјави Нина Суомалајнен, амбасадорка на ОБСЕ во Македонија.

На договорот во моментов работат шест работни групи, а се опфатени деловите од децентрализацијата, правичната застапеност, недискриминација, употреба на јазиците, образованието и застапеност на помалите етнички заедници. Резултатите од анализата ќе бидат готови во следните неколку месеци, а истите ќе бидат презентирани на меѓународна конференција во декември годинава.