Македонија
18. September 2017 - 16:48

„Двобојот“ на Геровски и Палевски собра новинари, алфи и набљудувачи на ОБСЕ

Обоен во црвена и жолта боја уредникот на Слободен печат Бранко Геровски замина од двобојот со бизнисменот Љупчо Палевски. Вака почна и заврши кавгата која беше поттикната на социјалните мрежи каде Палевски повика на јавна пресметка, а Геровски прифати. Точно напладне на договореното место во центарот на Скопје, Геровски пристигна во придружба на поранешниот прв човек на фондацијата Сорос, Владимир Милчин, а десетина минути подоцна замина обоен во боите на Македонија.

Боите ги одбрав намерно, за еднаш  и Геровски да биде обележан во националните бои на Македонија, во стилот на Шарената револуција која самиот ја измисли, порача Палевски.

„Не сум задоволен од Владата, а тие кога не беа задоволни шараа каде ќе стигнат. Јас бев дел од Шарената револуција но сега ќе ги бојам нив, изјави Палевски.

Преку Фејсбук попладнево реагираше и Геровски.

Јас знам дека Шарената револуција денеска е мртва и главно преточена во бирократскиот апарат во шампитата на Илинденска бб, но во мене се уште се живи сеќавањата на маршевите на кои и јас учествував, иако, да бидам искрен, никогаш не фрлав бои, ниту носев некакви посебни симболи. Не сакав до толку да се препорачувам себеси за идната поделба на придобивките на револуцијата, која, нели, по правило, ги јаде своите деца, напиша Геровски на социјалните мрежи.

Токму ваквите јавни препукувања и остри коментари во изминатиот период резултираа со денешното соочување помеѓу Палевски и Геровски.

Двобојот кој исто така беше закажан преку facebook, предизвика голем интерес и кај медиумите кои во голем број попладнево го проследија настанот. Местото каде беше закажан го обезбедуваа и голем број припадници на специјалната единица Алфи, а свои набљудувачи на терен испрати и ОБСЕ.