Свет
24. October 2017 - 11:02

Двете жени кои го испрскаа Ким Џонг-нам со отров беа донесени на местото на злосторот

Двете жени кои во февруари го убија Ким Џонг-нам, полубратот на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, денеска беа однесени на аеродромот во малезискиот главен град Куала Лумпур, каде се изврши убиството, а во рамки на полициската истрага за инцидентот.

Сити Аишја (25) од Индонезија и Доан Ти Хуонг (28) од Виетнам го испрскаа Ким Џонг-нам со нервен отров, кој набргу потоа почина. Двете жени велат дека биле измамени, и дека мислеле оти учествуваат во шега, односно дека ќе го испрскаат патникот со обична вода.

Полицијата на Малезија и безбедносните служби од повеќе источно-азиски држави се сомневаат дека тајната служба на Северна Кореја го организирала атентатот, стравувајќи дека Ким Џонг-нам може да биде искористен за создавање поделби во владејачката династија во Северна Кореја.

Стотина полицајци денеска ги следеле Аишја и Доан за време на обиколката околу аеродромот. Жените биле облечени со заштитни елеци и сместени во колички со кои ги возеле низ аеродромот. Во рамки на истрагата тие биле однесени до аеродромскиот ресторан, каде Сити Аишја се сретнала со неидентификуван човек, како и до тоалетите каде се случил самиот напад.