Македонија
12. April 2017 - 19:47

Двете нови инвестиции најавени изминативе денови ќе вработат 450 лица

Германската компанија „Franz Kiel GmbH“ и американската  „NYSK Holding”, се новите инвестиции во Македонија објавени изминатите неколку дена.

Обете се резултат на бизнис форумите на кои владата ги презентираше поволностите за инвестирање во земајта.

Инвестицијата на американската компанија „NYSK Holding”, која во простории на ОХИС ќе производува канабис за медицински цели, е прва  од овој вид во регионот. Во фабриката ќе се вработат 200 лица.

– Господинот Никола Груевски  е главната причина поради која нашата компанија реши да инвестира во Македонија. Пред неколку години патував од Бостон до Масачусец за да присуствувам на презентацијата за инвестирање во Македонија, администрацијата ги претстави своите планови за Македонија како и за веќе спроведените политики, јас и мојот тим веднаш бевме импресионирани, рече Џон Монтгомери од НИСК Холдинг.

-Борбата да се привлечат инвестиции понекогаш е долгорочна работа, еве денеска присуствував на почеток на работа на компанија од Америка со која првиот контакт го имавме пред четири години во Бостон на тогашното роуд-шоу. Многу често не прашуваа зошто одите на овие роуд-шоуа, колкави се трошоците, дали се исплати, кои се ефектите, ама најчесто ефектите ги бараа во наредните десет дена. Ефектите во бркањето на инвестиции не доаѓаат за десетина дена, доаѓаат подоцна ако таа промоција добро се изработи. Па еве така оваа компанија која што ја сретнавме во Бостон дел од нивните претставници кои ги сретнавме пред четири години сега се одлучи да инвестира во Македонија,  истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Германската компанија Франц Кил најави најмалку 250 работни места во фабрика за седишта за автобуси, примарно наменети за Ван Хул.

-Првите контакти со компанијата, со помош на Ван Хул, беа во 2015-та година. Одлучено беше тие да биде главен добавувач на Ван Хул за американскиот пазар и тие истовремено одлучија да инвестираат во Македонија. Тие параметри и брзината заради која тие сакаат да започнат, според потребите и барањата на американскиот пазар, временски не дозволија да се изгради објект во зоната во Скопје веднаш до Ван Хул и затоа се започнува со браунфилд локација, вели Виктор Мизо, директор на ТИРЗ

Груевски најави дека има и други компани заинтересирани за влез во Македонија  и дека со едно од нив преговорите се во понапредна фаза.