Македонија
19. February 2018 - 16:06

Две годишно дете почина на детската клиника од компликации од грип

Две и пол годишно дете од Штип вчера починало на Клиниката за детски болести каде го лекувале од грип и пневмонија. Од Детска велат дека пациентот уште од јануари го хоспитализирале во тешка состојба и со бронхопневмонија. Детето било со Даунов синдром но и тешки невролошки нарушувања. Го хоспитализирале на Пулмологија а бил и на одделот за Интензивна. Ги преземале сите напори, но безуспешно.

Во меѓувреме грипот и други вирусни заболувања го намалија бројот на ученици и деца во градинките. Отсуства се регистрирани и во работни организации. Епидемиолозите велат дека инфекциите најмногу се шират во колективни објекти и затоа алармираат болните да седат дома. Последниот извештај на Институтот за јавно здравје покажува дека најголем број од заболените се млади до 14 годишна возраст.

-Најмногу овој период е присутен кај детската популација. Според известувањата што ние ги правиме и најмногу хоспитализации се кај оваа популација а поради грип, вели др. Владимир Микиќ од ИЈЗ

Често проветрување на просториите и никако земање на антибиотици на своја рака се само дел од превентивните мерки. И посетите во болниците да бидат редуцирани и со заштитни маски, предупредуваат епидемиолозите.

-Болниот никако не смее да оди на работа или во училиште, а доколку температурата трае подолг период да побара лекарска помош, вели др. Микиќ.

Покрај грипот, зголемен е бројот на и горно и долно респираторни инфекции. Според алерт системот, минатата недела имало околу 30 000 заболени.