Свет
17. August 2017 - 8:58

Двајца загинати при самоубиствен напад крај контролен пункт во Појасот Газа

Две лица загинаа, вклучувајќи го бомбашот-самоубиец, и петмина се повредени рано изутринава во напад во јужниот дел на Појасот Газа, соопшти палестински претставник, цитиран од ДПА.

Нападот беше извршен на границата меѓу Појасот Газа и Египет, во близина на градот Рафах, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи на контролираната од Хамас, палестинска територија Ејад ал Бозом.

Припадници на безбедносните сили запреле две сомнителни лица кои се приближувале кон границата. Едниот маж се разнел, повредувајќи го другиот и убивајќи го припадникот на безбедносните сили на контролниот пункт.

Извори од службите за безбедност во Појасот Газа соопштија дека сторителот на самоубиствениот бомбашки напад најверојатно е радикален исламист.