Македонија
10. August 2016 - 15:29

Два тима од Кочани помагаат во поплавените подрачја во Скопско

Два тима од Кочани од денеска работат на санирање на штетите од поплавите во Скопје, со што и оваа општина се вклучува во акцијата за помагање на настраданите во поплавите кои го зафатија скопскиот регион.

Тим составен од Одделнието за заштита и спасување во Кочани, им помага на поплавените од неделата вечерта, а од изутринава  два тима од кои 40  вработени во Водостопанство „Брегалница“ и 10 вработени во Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ се во Скопје и со соодветна опрема ќе работат на расчистување на теренот.

- Вработените од Кочани се ангажирани во расчистувањето на штетите од поплавите во Сингелиќ, со што несебично сакаме да им помогнеме на нашите пријатели од поплавените скопски региони. Со човечки ресурси и несебично ќе се заложиме да помогнеме да се расчисти теренот, да се испумпа водата и калта од домовите на настраданите, изјави Николчи Гоцев, директор на Подружницата на Водостопанство „Брегалница“ кој ја предводи екипата од Кочани.

Во Општина Кочани  веќе трет ден е отворен пункт каде граѓаните можат да донираат средства, а хуманитарната акција Општината ја организира заедно со невладината  организација „Благородна мисија“, јавните претпријатија и установи од Општина Кочани, во соработка со државните институции и  Црвениот крст.

Собирна акција за помош на настраданото население  се одвива и во општините Зрновци и Чешиново Облешево.