Македонија
20. September 2015 - 16:30

Државната кардиохирургија направени 100 операции на срце

Сто операции на срце се направени на Државната кардиохирургија. Стотиот пациент е маж на 75 годишна возраст кој на Клиниката бил примен како итен случај со сериозно срцево заболување. Вградени му се два бај паса и сега е во стабилна состојба. Од вкупниот број направени интервенции само две биле без успех. Се работело за пациенти кои биле во многу тешка здравтвена состојба.

- Едниот од тие пациенти егзитира заради стомачни проблеми, направи велиме акутен абдомен и потоа е опериран на Клиниката за абдоминална хирургија и не се опорави. Вториот пациент беше многу постара жена како итна пациентка која долго време лежеше на Клиниката за кардиологија и не сакаше да се оперира. Ние во последен момент ја опериравме и беше екстремно високо ризична, рече проф.д-р Сашко Јовев.  

Според министерот Тодоров, останатите 98 пациенти кои биле оперирани на државната кардиохирургија биле задоволни од третманот.

- Секој пациент кој се третира тука по извршената кардиохирушка интервенција се испраќа на бесплатна рехабилитација во Охрид во времетраење од еден месец. Секој пациент кој ја напушта Клиниката излегува од него со потпишано конзилијарно мислење за упатување на бесплатна рехабилитација во Кардиолошкиот завод во Охрид под надзор на кардиолози, анестезиолози, доктори во оваа област и тоа дополнително го зголемува задоволството на пациентите и квалитетот на севкупниот третман на пациентите на Државната кардиохирургија, рече Никола Тодоров, министер за здравтво.

Државната кардиохирургија почна да работи минатата година. Повеќе од 4 децении имаше неуспешни обиди за овој проект во здравтвото.