Македонија
13. November 2017 - 16:40

Дрвените резби пронајдени на локалитетот Баргала се слични на тие пронајдени во Египет

Дрвените резби пронајдени на доцно античкиот локалитет Баргала и изложени во штипскиот Завод Музеј, се многу слични на оние во Египет, кои ги отсликуваат верувањата на Коптите кои ја населувале долината на реката Нил.

Ова го тврди универзитетската професорка Елизабет Енс од Бон, Германија, која целата своја професионална археолошка кариера ја посветила на проучување на ранохристијанските реликвии во Египет.

-Ова што го видов овде е многу специфично во однос на целиот регион. Ранохристијанските резби се карактеристични за медитеранот, но интересно е што мотивите се скоро идентични на египетските. Затоа сметам дека во понатамошното истражување треба да воспоставите тесна комуникација со египтолозите-изјави проф. д-р. Елизабет Енс, археолог-египтолог.

Посебно е интересно тоа што дрвените резби успеале да се одржат и покрај неповолните климатски услови, поточно големата влажност на воздухот.

-Во Египет е лесно да се конзервира затоа што е суво, но овде се навистина добро сочувани- додаде Елизабет

Според професорката, начинот на изработка и мотивите, укажуваат на добрата конекција на Македонија во доцно античкиот период со културите кои егзистирале на целиот Медитеран.