Свет
22. April 2016 - 13:08

Драма во Рио: Се урна велосипедска патека, најмалку две жртви

Најмалку две лица загинаа во Рио де Жанеиро, кога се урна дел од новоизградената велосипедска патека, што минува непосредно покрај морскиот брег.

Сведоци изјавиле за бразилскиот весник „Глобо“ дека во моментот на уривањето на патеката, на место каде таа се издигнува над морето, имало „барем петмина велосипедисти“.

Според соопштението на полицијата, инцидентот се случил рано утринава, при што се урнати 50 метри од патеката. Во моментот на уривањето, на морето, што патеката го премостува, имало големи и силни бранови.

„Забележав дека луѓето со своите велосипеди застануваа на тој дел од патеката, за да ги снимаат големите бранови. Во тој момент еден голем бран удри во копното и видов како патеката се урива“, изјавил за „Глобо“ еден од сведоците.

Специјални екипи трагаат по телата на исчезнатите велосипедисти, а полицијата отвори истрага за причината за овој инцидент.

Патеката е изградена од метални носачи, за да помогне за движењето покрај брегот, во време на годинешниве летни Олимписки игри во Рио де Жанеиро, но таа не е дел од спортските објекти за натпреварувањата.

Отворена е за користење од почетокот на оваа година.