Свет
27. October 2017 - 18:41

ДПА: Што може да се случи подоцна во кризата меѓу Мадрид и Барселона

Шпанија доживува политички потрес – каталонскиот парламент гласаше за објавување независност, а централната влада се подготвува за удар врз обидот за отцепување.

Германската агенција ДПА наведува поенти - што може да се случи понатаму во кризата во Шпанија. 

Што ќе направи каталонскиот парламент?
Парламентот донесе резолуција за отцепување на Каталонија од Шпанија и објавување суверена република како одговор на решението на премиерот на Шпанија Маријано Рахој да го активира Членот 155 од Уставот со кој се дава можност за директна управа од центарот врз автономни области. Во Преамбулата на резолуцијата се вели дека се формира „каталонска република како независна и суверена држава на демократско и социјално право“, и тој текст не беше на гласање. Наместо тоа, пратениците гласаа за чекорите кои произлегуваат од објавувањето независност – владата да формира централна банка, да почне процес за пишување устав, да бара меѓународна поддршка и друго...

Како ќе реагира каталонскиот Парламент?
Пред гласањето во Барселона премиерот Рахој на Твитер побара спокојство од „сите Шпанци“ и вети дека „владеењето на законите во Каталонија ќе биде обновено“. Претходно Рахој додаде дека активирањето на Членот 155 е „без алтернатива“ во таа ситуација. Сенатото во Мадрид одобри одлука со кое го ополномошти Рахој да ја управува Каталонија директно од Мадрид. Кабиентот ќе заседава за да одлучи што ќе бидат првите чекори. 

Ќе воспостави ли Членот 155 ред?
За 40-те години шпанска демократија ниту една влада не ја соборило регионалната администрација, така што под сомнение е дали владата на Рахој ќе ги преземе бунтовнички настроените каталонски институции. Сомнителна е и подготвеноста на каталонската и регионална полиција да ги извршува наредбите на Мадрид.

Независноста е реална перспектива за Каталонија?
Самопрогласената Република Каталонија ќе треба да се бори за добивање меѓународно признавање. Веќе над 1.500 компании меѓу кои и две големи банки, ги преместија седиштата вон областа поради стравување од законски нејаснотии при евентуална сецесија. Каталонските власти ќе треба да ја убедат Шпанија да ги повлече сите државни службеници меѓу кои и судии и полицајци. Дел аналитичари сметаат дека отцепувањето на Каталонија од Шпанија е многу посложено отколку Брегзит. Сепак, независноста не е цел на сите. Анализи укажуваат дека нешто повеќе од половината жители на Каталонија не сакаат отцепување, а над 80 отсто бараат законски референдум за независност, одфносно одобрен од централната власт.